СДСМ: Ристов како Мицкоски имал бизнис со хидроцентрали, неговата сопруга е членка на Судскиот совет

„Кога граѓаните ќе видат денеска високи цени на горивата, нека се сетат на бизнис-мрежата на Мицкоски. Кога ќе видат висока сметка за струја – тоа е позадината“, соопштија од опозициската партија за предлогот за нов претседател на РКЕ

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

„Поранешниот градоначалник од ВМРО, Ацо Ристов, чија сопруга Данка Ристова е избрана за членка на Судскиот совет, е предлог за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика. И Ристов како Мицкоски имал бизнис со хидроцентрали. Своите луѓе Мицкоски ги става во клучните институции, сега и во Регулаторната комисија за енергетика – телото кое директно одлучува за цената на струјата што ја плаќаат граѓаните, како и за цената на горивата“, велат од СДСМ откако собраниската Комисија за избори и именувања го предложи Ристов за нов претседател на РКЕ.

Ова, според СДСМ, е уште една алка во синџирот што веќе е разоткриен.

„Почнувајќи од Адамовиќ, функционер на СНС, преку офшор структурите на Кипар и компаниите поврзани со енергетскиот бизнис, поврзаноста со ‘Руднап’, РЕК ‘Битола’, Развојната банка, Божиновска… Сега во РКЕ. Сега Мицкоски има свои луѓе од почеток до крај – од производство и увоз на струја, до продажба и банкарство. Кога граѓаните ќе видат денеска високи цени на горивата, нека се сетат на бизнис-мрежата на Мицкоски. Кога ќе видат висока сметка за струја – тоа е позадината. А ако треба некој да одговара, е за тоа тука се судиите за да го спречат“, рекоа од „Бихаќка“.

Ристов е дипломиран електроинженер и поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2021 до 2025 година.

По оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски, предлогот треба да биде изгласан на пленарна седница на Собранието.