Запрена постапката за кривично гонење на разрешениот судија Нанев

Нанев беше разрешен од судиската функција во октомври 2024, по иницијатива на тогашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева. Повод за постапката беа информации дека Нанев остварил повеќе од 90 телефонски контакти со обвинет во предмет што самиот го водел

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/РСЕ

Кривичната постапка против разрешениот судија Лазар Нанев е запрена, откако Основното јавно обвинителство Велес го повлекло обвинителниот предлог за несовесно работење во службата. Одлуката е официјално објавена од Велешкиот суд на неговата веб-страница.

Во известувањето од Судот се наведува дека вака донесеното решение е врз основа на чл.62 ст.2 од ЗКП, бидеќи Основното јавно обвинителство Велес со писмен поднесок од 02.03.2026 година го извести Судот дека го повлекува обвинителниот предлог против обвинетиот и се откажува од понатамошно гонење за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ.

Лазар Нанев е поранешен судија и поранешен претседател на Основен суд Кавадарци. Против него во Основен суд Велес се водеше парница по предметот К.бр. 224/ 25 за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ.

Нанев беше разрешен од судиската функција во октомври 2024 година, по иницијатива на тогашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева. Повод за постапката беа информации дека Нанев остварил повеќе од 90 телефонски контакти со обвинет во предмет што самиот го водел. Паралелно, против него се водеше и друга постапка во Судскиот совет.

По разрешувањето, против Нанев беше поднесена кривична пријава, а во меѓувреме тој се вработил како инспектор во Министерството за внатрешни работи. Според достапните информации, работното место во кавадаречката полиција го чекало повеќе од две децении, со оглед дека таму работел до 2002 година.