„За прес-конференцијата на Богданка Кузеска која се однесува на трката кој е поголем ВМРО-ДПМНЕ, Филипче или Шилегов, ќе ја пресечеме со фактот дека ниту едниот, ниту другиот не се ВМРО-ДПМНЕ, но сигурно е дека се поразени на избори и не се никаква опција за граѓаните“, велат денеска од партијата на Христијан Мицкоски како реакција на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува Филипче и Шилегов дека „заеднички именител им е што народот ги знае добро и не се алтернатива, ниту можат да направат нешто добро за државата, освен да ја заглават да не може потоа со години да се одглави“.
Постои Платформа за рушење на СДСМ осмислена од ВМРО, фатени во криминални скандали и без резултати, повторно се обидуваат да го рушат СДСМ од внатре, истакна денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа посочи дека по разоткривањето на бизнис мрежата на Мицкоски во енергетиката, од Адамовиќ до „Руднап“, следува координиран обид за дефокус и рушење на СДСМ од внатре.
„Фатени во криминални скандали, без никаков резултат зад себе, на ВМРО-ОКГ не им останува ништо друго освен да пробаат да ја рушат СДСМ. Последните анкети направени од самата ВМРО покажуваат дека власта има голем пад на поддршката а има раст на рејтингот на СДСМ. Затоа ова се случува. Затоа и постои така наречената ‘Платформа’ – тоа е ‘Платформа за рушење на СДСМ од внатре’, осмислена од страна на ВМРО“, рече Кузеска.
Таа порача дека овие обиди нема да успеат и дека СДСМ останува обединет и посилен.
Шилегов одработувал за ВМРО-ДПМНЕ и имал обиди за внатрешна поделба на СДСМ. Лидерот на опозицијата, Венко Филипче тврди дека исклучувањето на поранешниот скопски градоначалник не е резултат на неговите реакции дека СДСМ губи поддршка и кадровски ослабнува. Шилегов пак тврди дека токму актуелното раководство на СДСМ одработува за интересите на ВМРО-ДПМНЕ.