На денешната дебата за новиот државен јавен обвинител во Собранието, пратеничката Моника Зајкова оценува дека Владата одлучи кој е прифатлив, а кој не, и според неа, со тоа повторно се создаде впечаток дека политиката има последен збор каде што треба да владее правото. Зајкова притоа ја спомна обвинителката Ленче Ристоска, за која уште претходно премиерот Христијан Мицкоски рече дека отпаѓа од трката.
-Не може да се премолчи фактот што кандидат како Ленче Ристоска, обвинителка со кредибилитет и интегритет, беше оттурната веднаш од една единствена причина – затоа што не е кандидат по мерка на власта. Кога се оттурнуваат професионалци, а се туркаат погодни решенија, довербата кај граѓаните ќе продолжи да паѓа. Ова не е прашање на лични имиња туку прашање на принципи и прашање зошто се отфрлаат одредени професионалци, кажа Зајкова од собраниската говорница.
Пратеничката му порача на колегата од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, „да не зборува дека секој што ќе се огреши, ќе одговара“, бидејќи, како што рече, „не гледам дека некој од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ одговараше или дека направиле нешто за враќање на екс-премиерот Никола Груевски за да одговара“.