Ѓорѓиевски најави пролетна генералка на Скопје која започна од Кисела Вода

Чистата животна средина не е луксуз, туку основно право на секој граѓанин - порача скопскиот градоначалник

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Од Општина Кисела Вода почна пролетната акција за генерално чистење на градот, со цел унапредување на јавната хигиена и заштита на животната средина. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во акцијата се вклучени екипи од повеќе јавни претпријатија.

-Од ЈП „Комунална хигиена“ интензивно ги чистат улиците и го отстрануваат отпадот, вклучително и неправилно одложениот смет. „Водовод и канализација“ спроведува миење на улиците и на јавните површини, додека „Паркови и зеленило“ работи на уредување и на одржување на зелените површини. Воедно, „Улици и патишта“ поставува метални столпчиња за да се спречи узурпацијата на тротоарите и јавниот простор, истакна Ѓорѓиевски.

Тој наведе дека оваа акција претставува почеток на нов пристап кон одржувањето на градот, каде што редот, чистотата и одговорноста ќе станат секојдневие. Нагласи дека институциите ќе продолжат со систематски активности во сите општини, со цел создавање на почиста и поуредена урбана средина.

-Чистата животна средина не е луксуз, туку основно право на секој граѓанин. Градот може да чисти, но вистинската промена доаѓа кога сите заедно ќе ја преземеме одговорноста, порача скопскиот градоначалник.

Од Градот нагласуваат дека акцијата ќе продолжи со засилено темпо и во наредниот период, а за непочитување на правилата ќе следуваат соодветни санкции. Воедно, се упатува апел до граѓаните да придонесат со одговорно однесување, да го чуваат јавниот простор и да не фрлаат отпад на несоодветни места.