Денеска во Кочани беше откриена биста на Иле Гоцевски, возачот во Итната медицинска помош -Кочани кој почина по напорното пренесување повредени од пожарот во дискотеката „Пулс“. Бистата се наоѓа пред зградата на Градската општа болница „8 Септември“ во Кочани.
На откривањето се собраа голем број граѓани од Кочани и Делчево, членови на семејството Гоцевски, како и колеги на Иле и членови на Советот на Општина Кочани.
-Иле беше човек кој што беше на првата линија на брз одговор, кој што помагаше на сите и кој многу од вас го паметат по неговата насмевка. Илчо беше човек кој што неуморно помагаше на сите. Ни недостига по ходниците на кочанската болница да не поздравува со насмевка и да брза да помогне на некого. Кога ќе ја чуете сирената по кочанските улици, веројатно некогаш ќе се потсетите на Иле затоа што неговиот спомен продолжува да живее. Таа кобна вечер беше на работа и над нивото си ја вршеше задачата. Даде се од себе, по цена на својот живот, кажа, меѓу другото, директорката на кочанската болница, Катарина Мирчовска.
Колегите од Итната медицинска помош, пријателите и сограѓаните го паметат како скромен, тивок и посветен човек, кој работата ја доживуваше како мисија. Човек кој никогаш не броеше часови, ниту прашуваше „зошто јас“, туку секогаш велеше – „ајде, да помогнеме“.
Според објава на неговото семејство, Гоцевски си дошол дома после тешката ноќ, легнал да спие и не се разбудил.