Дојде „златното време“ на мајсторите – цените на нивните услуги во последниве години значително пораснаа. Според градежните експерти, ова пред сè се должи на недостигот на квалификувана работна сила, бидејќи голем дел од градежните занаетчии заминаа на работа во странство во потрага по повисоки плати. Дополнителен фактор е и поскапувањето на градежните материјали – лепила, бои, цемент, како и зголемените трошоци за гориво и транспорт, што директно влијае врз цените на услугите. Освен високите цени, проблем претставува и недостапноста на мајсторите. Тие често се резервирани со недели, па дури и месеци однапред, поради што клиентите ретко имаат простор за преговарање и најчесто се принудени да ја прифатат понудената цена. Дополнително, во голем број случаи нема јасно дефинирани ценовници, па цените се формираат индивидуално – зависно од обемот на работата, условите на терен и самиот клиент.
Според информациите од терен, плочкарските услуги моментално се движат од 12 до 15 евра по метар квадратен, додека молерските услуги изнесуваат околу 10 евра по метар квадратен, што претставува значително зголемување во однос на претходните години.
-Сите градежни занаетчии генерално многу ги подигнаа цените на услугите. Гипсари, плочкари, молери…наплатуваат дебело. Основен проблем е што имаме многу мал број на вакви работници. Го испуштивме возот да создадеме ваков кадар и сега ќе плаќаме високи цени на нивните услуги. Треба да се стимулираат младите да се запишуваат во стручни школи и да учат занаети за да има конкуренција. Сега нема конкуренција и мајсторите ги вадат цените од ракав, изјави за „Локално“, Никола Велковски – сопственик на градежна компанија.

Никола Велковски-Фото: Принтскрин/Јутјуб
Градежните занаетчии работат по неколку работи и заработуваат многу. Електричари, водоинсталатери, оние што се занимаваат со канализација се многу дефицитарни на пазарот и затоа нивната цена постојано расте.
-Овие градежни занаетчии ги кренаа цените и на новоградбите, односно цената на карабината излегува поевтино отколку тие дополнителни градежни работи. Високата цена на нивната работна рака е една од причините за скапиот квадрат на становите. Освен градежните компании и граѓаните мака мачат да најдат мајстори за некоја интервенција во домот. Покрај тоа што мајсторот го чекаат повеќе од 10 дена кога ќе дојде ќе им каже некоја цена и неможе да се ценкаат, односно тие се во позиција да ги одредуваат цените без компромис, вели Велковски.
И на социјалните мрежи се споделуваат искуства од граѓани дека цените за мајсторски услуги навистина многу пораснале, па многумина велат дека „дерењето“ станало нормала работа кога се прашање мајсторите.
– Цените за молерисување навистина станаа превисоки, 10 евра за метар квадратен е премногу. Така за едноставно варосување на стан, мајсторите бараат суми што порано беа незамисливи. Често нема јасна пресметка однапред, па на крај излегува многу повеќе од договореното. Разбираме дека поскапеле материјалите и работната рака, но ваквите цени се преголем товар за семејниот буџет, вели еден граѓанин.
Во последните години многу мајстори, особено во градежниот сектор, посочуваат дека побарувачката за квалитетни работници постојано расте, додека сè помал број млади се одлучуваат за вакви професии.
Поради тоа, занаети како поставување плочки, електричарски работи или водоинсталатерство сè почесто се споменуваат како работи што можат да обезбедат стабилна и често надпросечна заработка.
Б.С.