Мојсоска: Скандал со кандидатите за Антикорупциска – „по грешка“ донирала за ВМРО

„На денешното интервју во Собрание, една од кандидатките изјави дека ’не се сеќавала дека донирала пари за ДПМНЕ и најверојатно грешка било’?!“, реагира пратеничката од Левица

од Nikola Popovski
475 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Од пет пријавени кандидати за нов член на Антикорупциска комисија еден кандидат донирал пари за ДПМНЕ, а еден кандидат е брат на директорот на Фондот за здравство“, реагира на социјалните мережи пратеничката Јована Мојсоска од Левица по денешниот распит јавно интервју спроведено од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Според неа овие информации фрлаат сенка врз кредибилитетот на процесот за избор на член на тело кое треба да се бори против корупцијата.

„На денешното интервју во Собрание, една од кандидатките изјави дека ’не се сеќавала дека донирала пари за ДПМНЕ и најверојатно грешка било’?! Сигурно на многу од нас им се случува ’по грешка’ да донираат на партијата на власт“, реагира Мојсоска.

Во својата реакција пратеничката ја критикува актуеланата власт, оценувајќи „оваа гарнитура е една од најнеспособните власти досега (што во две години не може да се издвои еден значаен проект) – ДПМНЕ очигледно е екстра способно само за да ги зароби и контролира сите институции“, завршува таа.

На јавна седница со право за интервју се стекнаа Антонија Андонова Тасевска дипломиран правник и магистер по казнено право од Гевгелија, Марија Китанов Катралова дипломиран економист и магистер по економски науки од Кавадарци, Владимир Клековски дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Милка Муратовска од Струмица, дипломиран правник со положен правосуден испит магистер по казнено право, и Борче Стојановски дипломиран економист и магистер по деловна администрација од Скопје.