Путин нуди да престане да споделува разузнавачки информации со Иран – под еден услов

Еден дипломат на ЕУ го нарече рускиот предлог „скандалозен“

од Кристијан Димков
39 прегледи

Москва им предложи размена на услуги на САД: Кремљ би престанал да споделува разузнавачки информации со Иран, вклучително и прецизни координати на позициите на американската војска на Блискиот Исток, доколку САД за возврат престане да ѝ доставува на Украина разузнавачки податоци за Русија.

Предлогот, според две лица запознаени со преговорите, рускиот пратеник Кирил Дмитријев го изнел пред претставниците на администрацијата на Доналд Трамп – Стив Виткоф и Џаред Кушнер – за време на состанокот минатата недела во Мајами. САД ја одбиле понудата, додале истите извори кои, поради чувствителноста на разговорите, сакале да останат анонимни, пишува „Политико“.

И покрај американското одбивање, самата понуда предизвика вознемиреност кај европските дипломати, кои стравуваат дека Москва се обидува да внесе раздор меѓу Европа и САД во клучен момент за трансатлантските односи.

Еден дипломат на ЕУ го нарече рускиот предлог „скандалозен“. Во Европа расте сомнежот дека средбите меѓу Виткоф и Дмитријев не водат кон конкретен напредок за мир во Украина, туку дека Москва ги користи како можност да го вовлече Вашингтон во договор меѓу големите сили што би ја заобиколил Европа.

Загриженоста дополнително се зголеми по неодамнешната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, кој, поради одбивањето на сојузниците да испратат воени бродови во Ормутскиот теснец, остро ги критикуваше НАТО-партнерите, нарекувајќи ги „КУКАВИЦИ“ со порака: „ЌЕ ЗАПАМЕТИМЕ!“. Од Кремљ во четвртокот беше соопштено дека мировните преговори за Украина со посредство на САД се „на чекање“.

Ова не е единствениот руски предлог поврзан со Иран што Вашингтон го одбил. Според друг извор запознаен со разговорите, САД одбиле и предлог иранскиот збогатен ураниум да се префрли во Русија. Од почетокот на војната, Русија ја прошири размената на разузнавачки информации и воената соработка со Иран.

„WSJ“ претходно објави дека Москва го снабдува Техеран со сателитски снимки и технологија за дронови за да му помогне во таргетирање на американските сили во регионот, што Кремљ го нарече „лажна вест“.

Самиот Доналд Трамп во неодамнешно интервју за Фокс Њуз алудираше на поврзаноста меѓу разузнавачката соработка со Иран и ситуацијата во Украина. „Путин можеби им помага малку [на Иран], да, претпоставувам, а веројатно мисли дека ние ѝ помагаме на Украина, нели?“, изјави Трамп.

САД продолжуваат да споделуваат разузнавачки информации со Украина, иако други видови поддршка се намалени. Таа размена на податоци е последниот клучен столб на американската помош за Киев, откако администрацијата на Трамп минатата година го запре поголемиот дел од финансиската и воената помош.

Вашингтон и натаму испорачува оружје за Украина, но во рамки на програма под водство на НАТО, во која сојузниците ѝ плаќаат на САД за вооружувањето. Сепак, испораките на клучна муниција за противвоздушна одбрана се под притисок поради војната што САД и Израел ја водат со Иран.

Минатата година размената на разузнавачки информации накратко беше прекината по неуспешната средба во Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, што предизвика хаос меѓу сојузниците и откри длабоки тензии во партнерството со Киев.

Еден европски дипломат се обиде да ја намали важноста на американската улога, потсетувајќи на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон од јануари, кој рече дека „две третини“ од воените разузнавачки податоци за Украина сега ги обезбедува Франција.

Односите дополнително ги комплицира и неодамнешната одлука на администрацијата на Трамп да ги ублажи санкциите за руската нафта со цел да го намали притисокот врз глобалните пазари, што предизвика остра загриженост и критики од европските лидери, вклучително и германскиот канцелар Фридрих Мерц.