Кој друг од власта е вмешан во новиот корупциски скандал во земјоделието, прашуваат од „Бихаќка“

СДСМ тврди: „Не може толку многу корупција да има на пониските ешалони а оние од врвот во Министерството и во најкорумпираната Владата на Мицкоски да не знаеле“

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

„Директорот на државниот инспекторат за земјоделие, Васе Анакиев, е уапсен за примање поткуп од 50.000 евра. Ова е уште еден доказ за делувањето на организираната криминална група – ВМРО“, обвинија утрово од СДСМ преку соопштение.

Од најголемата опозициска партија потсетуваат дека пред само неколку месеци се случи исто така корупциски скандал во кој директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството исто така беше уапсен за мито од 50.000 евра. Поради овој корупциски скандал ИПАРД 3 програмата вредна 130 милиони евра беше суспендирана.

„Прашањето е кој друг од власта е вмешан? Не може толку многу корупција да има на пониските ешалони а оние од врвот во Министерството и во најкорумпираната Владата на Мицкоски да не знаеле“, стои, меѓу другото, во партиското соопштение.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор на приведениот директор на Државниот инспекторат за земјоделство. Го фатиле со обележани пари, кога од бараните 100 илјади евра од увозник, преку шпедитер – посредник земал половина од сумата за да овозможи влез на стока, за која, како што велат од Обвинителството, вршел притисок врз службеници да не биде пропуштена и да стои на граница

Притворот на Анакиев, кој е осомничен за примање поткуп, му е определен по сите три основи, односно опасност од бегство, можност од влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото.