Посетители му ги украле поклоните на мајмунот Мики за неговиот роденден во Скопската зоолошка

„Додека надвор бевме собрани сите да прославиме, дечиња пееа и дуваа свеќички, посетители ладно си ги украле поклоните кои беа наредени пред неговото живеалиште“, сведочат дел од присутните

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук профил на Зоолошка градина Скопје

Војо Иванов, вработен во Зоолошката градина во Скопје, објави дека посетители украле дел од подароците наменети мајмунот Мики, кој ги добил по роденденска прослава. Како што велат вработени во градината, настанот бил надвор од живеалиштето и додека зоо негувателите ги дувале свеќите од тортата направена за Мики, посетителите украле дел од подароците.

„Правевме роденден на мајмунот Мики. Повеќе од пола поклони му ги украдоа гости (луѓе!) – на мајмунот! Толку имам да кажам“, напиша Иванов на Фејсбук.

Тој објасни дека посетители влегле внатре наводно по торта.

„Евентот беше надвор и на неколку минути влегле внатре – кога излегле колегиве скоро ништо од поклоните не останале“, дополни Иванов.

„Додека надвор бевме собрани сите да прославиме, дечиња пееа и дуваа свеќички, посетители ладно си ги украле поклоните кои беа наредени пред неговото живеалиште. Уште ова дочекавме во животот, од мајмунче да се краде…“, сведочат дел од присутните, стои во коментарите под објавата на вработениот во градината.

Засега нема информации дали Зоолошката градина ќе преземе конкретни мерки или дали ќе има санкции за посетителите.

Оттаму информираат дека Мики како бебе, на возраст од само неколку месеци, бил отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во тие најкритични моменти, неговиот живот зависел од човечка грижа, посветеност и борба. Зоонегувателката Зера, 24 часа дневно била покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам.