АХВ спречи увоз на 27 тони говедско месо од Парагвај и 22 тони ореви од Казахстан

Спречен увоз на небезбедна храна на македонскиот пазар

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Принтскрин

Официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на граничниот премин Ќафасан забранија увоз на 27 тони говедско мелено месо по потекло од Парагвај. Одлуката за забрана за влез на месото во нашата држава е донесена по направената проверка во информативниот систем на АХВ и на увозната документација според која количините кои требале да се увезат и да завршат на македонскиот пазар потекнувале од објект кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, со што не се исполнети основните безбедносни стандарди за увоз, односно постојат сомнежи за здравствена исправност на месото, што претставува ризик за потрошувачите.

Инспекторите за храна минатата недела забранија увоз и на пратка со 22 тони ореви по потекло од Казахстан поради несоодветно означување и отстапки во пропишаните критериуми за квалитет и безбедност на храна. Поради тоа целата количина од 22 тони вратена е во земјата на потекло, односно, забранет е нејзин пласман на македонскиот пазар.

Контролите на увозот на храна од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна ќе продолжат со засилено темпо, со цел да се спречи внесување на небезбедни производи.

АХВ апелира до увозниците строго да ги почитуваат законските регулативи и стандардите бидејќи здравјето на граѓаните останува врвен приоритет за институцијата.