Регулаторната комисија за енергетика ќе го смени правилникот за формирање на цените на горивата: ќе може да се одлучува на дневно ниво. Тоа значи дека Комисијата ќе се состане на вонредна седница кога било во неделата. Нема да се одлучува за цените само во понеделник без оглед на движењето на цените на светскиот пазар или евентуалниот пад или раст на доларот.
Ако во меѓувреме Владата на седница донесе некаква измена, Комисијата ќе може веднаш на вонредна седница да ја промени одлуката.
„Ако помеѓу две редовни седници со акт се направат промени на износите на надоместоците или даноците или таксите што се вклучени во пресметката, тогаш на вонредна седница се донесува нова вонредна одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, во која се вклучени новите износи на надоместоците или даноците или таксите, а просечната берзанска цена и средниот курс денар/USD остануваат исти како и во последната одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт“, стои, меѓу другото, во соопштението од Регулаторна.
Ова е второ отворање на истиот правилник за неполни три недели. На 4 март РКЕ го избриша членот 6-а и утврди дека редовните одлуки за цените ќе се носат секој понеделник, врз основа на просечна седумдневна берзанска цена. Со тоа практично се оттурна од пофлексибилниот модел воведен во 2022 година, кога поради силните турбуленции на пазарот можеше да интервенира и почесто.