Регулаторна со најнова одлука – дизелот поскапува за 3,5 денари, бензините по иста цена

Доколку останеше на сила ДДВ за горивата од 18 %, цената на бензините ќе беше повисока за 6,50 денари, а дизелот за 10,50 денари

од Nikola Popovski
40 прегледи Фото: Принтскрин

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука за определување на малопродажните цени на нафтените деривати со вклучена повластена стапка на додадена вредност од 10%, со што изврши усогласување со измените од Законот за данок на додадена вредност.

Од 24.3.2026 година од 00:01 часот максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

-Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 86,50 (денари/литар)

-Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 88,50 (денари/литар)

-Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 95,50 (денари/литар)

-Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 92,00 (денари/литар)

-Мазут М-1 НС 47,610 (денари/килограм)

По владината одлука за намалување на ДДВ-то за горивата, ова значи дека малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 3,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,157 ден/кг и сега ќе изнесува 47,610 ден/кг.

Доколку останеше на сила ДДВ-то од 18 %, цената на бензините ќе беше повисока за 6,50 денари, а дизелот за 10,50 денари.

Од 18 на 10 проценти се намалува стапката на ДДВ за горивата – ова беше вчерашната вонредна мерка на Владата за ублажување на ценовниот шок по растот на цените на горивата, предизвикан од војната на Блискиот исток.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека дополнително ќе се разговара со ОКТА за можноста да се зголеми попустот за дизелот. Во моментов нема потреба за воведување кризна состојба, ниту пак за намалување на акцизата, смета Владата.