„Комуналец“ расчистил диви депонии на Пластичарска и во Старата чаршија

Од скопското ЈП се пофалија дека oтстранети 45 кубни метри отпад

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Фејсбук

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје синоќа отстраниле две обемни диви депонии лоцирани на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) и во Старата скопска чаршија. Оттаму велат дека локацијата на булеварот Никола Карев, на пресекот со улицата Максут Садик, веднаш до детското игралиште, претставува „црна точка“ каде што континуирано се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини.

-ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на своите последни активности на оваа локација отстрани приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад. По подигнувањето на отпадот беше извршено машинско миење на просторот со употреба на автоцистерна, соопштија од претпријатието.

Втората поголема интервенција за расчистување диви депонии била реализирана во Старата скопска чаршија, каде што беа подигнати 20 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, градинарски и кабаст отпад во непосредна близина на културно-историскиот локалитет Куршумли ан, кој претставува културно наследство од особено значење за државата.

Од „Комуналец“ потенцираат дека само во текот на изминатата недела, нивните екипи подигнале и транспортирале 575 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.