Левица: Заеднички фотографии на Томовски и директор на фирма со 160 тендери не се доказ за корупција за ДКСК

На фотографиите, како што велат од партијата, јасно се гледа личната блискост меѓу директорот на СОЗР и управителот на фирмата „Сити Аутсорсинг“

од Nikola Popovski
84 прегледи Фото: Левица

Левица јавно објави фотографии кои претходно биле доставени и до Антикорупциска комисија. На фотографиите, како што велат, јасно се гледа личната блискост меѓу директорот на СОЗР Ивица Томовски и управителот на фирмата “Сити Аутсорсинг” – Милчо Стрезоски.

„Криминалната шема е јасна: Томовски формално ја “продава” семејната компанија ,,Сити Аутсорсинг” на својот пријател Стрезоски, кој потоа со истата компанија добива 160 тендери во рекордни бројки од 5 милиони евра. Факт е дека влијанието на Томовски е клучно за оваа компанија да добие вакви милионски суми, додека Антикорупциска комисија во своето претесно толкување го затвори случајот само затоа што “компанијата нема добиено тендер од институцијата со која раководи Томовски”?!

Очигледно е дека заробената Антикорупциска комисија не смее да истражи кои се критериумите за доделените тендери и дали критериумите однапред се наместени специфично само за оваа семејна компанија на Томовски. Нема ниту одговор од Антикорупциска комисија за колкав надомест управителот Стрезоски ја “купил” семејната компанија од Томовски“, порачуваат од Левица.

Главното прашање, според партијата, е колку провизија од доделените 5 милиони евра тендери на “Сити Аутсорсинг” се завршени во џебот на Мицкоски, кој додека беше директор на ЕЛЕМ делеше тендери на истава компанија?!

-Овој скандал е уште еден јасен доказ дека државата е целосно заробена и ставена во служба на теснопартиски и бизнис интереси на луѓето на Мицкоски. Уште позагрижувачки е однесувањето на Антикорупциската комисија, која наместо да биде коректив и заштитник на јавниот интерес, повторно се става во функција на власта, стои во партиското соопштение.

Претходно Антикорупциската не утврди судир на интереси кај Томовски и фирмата „Сити аутсорсинг“. Софија Спасовска-Медарска, член на ДКСК, рече дека во минатото постоела повзраност на членови на семејството на актуелниот директор со тоа трговско друштво, но во моментов таква поврзаност нема.