Божиновска потврди дека ОКТА го зголемува попустот за дизелот од 2 на 3 денари

„Спречивме ценовен шок, ја стабилизиравме цената и обезбедивме конкретно намалување за граѓаните“, вели министерката за енергетика

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.

Оттаму велат дека во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април.

„Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот.

Овој чекор доаѓа како резултат на континуираната комуникација и координација помеѓу Министерството и компаниите, со јасна цел – дел од олеснувањата да се пренесат директно кон граѓаните и стопанството.  Ова претставува потврда дека активната улога на државата дава резултати и дека преку партнерство со компаниите може да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и стопанството“, посочуваат од ресорот предводен од министерката Сања Божиновска.

Министерството за енергетика потсетува дека со намалувањето на ДДВ-то се обезбеди директно намалување на цените за 6 до 7 денари по литар.

„Спречивме ценовен шок, ја стабилизиравме цената и обезбедивме конкретно намалување за граѓаните“, истакна министерката Божиновска во видео-обраќање.