Претседателката Гордана Силјановска-Давкова е во официјална посета на Хрватска, каде што се сретна со хрватскиот колега, Зоран Милановиќ. Милановиќ го коментирал долгорочниот процес на пристапување на Македонија кон Европската Унија, истакнувајќи дека има премногу барања и услови за нас. Тој порачал дека земјава самата одлучува за својот пат.
„Македонија сама одлучува што е подобро за неа и кој пат ќе го избере, претпоставувам дека тоа е патот на благосостојба, мир и спокојство на граѓаните на Македонија. А второто, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО, е фасада, еден вид енергетска реновација, но она што ја прави куќата е внатре. Ова се мои мисли, тие не се совет дури ни за првиот сосед до кој живеам, а камоли за целата земја и народ. Истото важи и за Хрватска – ЕУ е надградба, но не и зграда. Нашата куќа и традиција се на наша земја, а ЕУ е добредојдена сезонска приказна додека трае. Тоа е тоа. Има живот без ЕУ, и тоа успешен и достоинствен“, рекол Милановиќ, пренесуваат хрватските медиуми.
Шефицата на македонската држава изјавила дека земјава се соочува со огромен притисок од Европската Унија за промена на Уставот. Таа посочила дека како држава бараме да не се применуваат двојни стандарди врз нив.
„Според нашиот Устав, иницијативата за негова промена може да ја покрене претседателот, 30 претставници или 150 илјади граѓани. Сега, меѓутоа, ЕУ бара од нас да го сториме истото, а можеби и некои од нашите соседи ќе го сторат тоа. Тоа е навистина огромен притисок. Како земја, скромно бараме да се укинат двојните стандарди и нашите достигнувања да се вреднуваат како и на сите други“, рекла нашата претседателка.
Таа се осврнала и на состојбата на меѓународната политика, оценувајќи дека во светот има сè помалку владеење на правото.
„Се заблагодарив за пријателството, поддршката и отворањето нови видици и перспективи во денешниот чуден свет во кој има сè помалку владеење на правото. Реалната политика се претвори во дарвинистичка, во свет каде силните прават што сакаат, а слабите што мораат“, додала Сиљановска-Давкова.