На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Загреб беше пречекана од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што започна нејзината дводневна официјална посета на земјата.
Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација во чиј фокус беа традиционално пријателските билатерални односи.
На заедничката прес-конференција Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европските интеграции.
Претседателката нагласи дека државата доследно се водела од Копенхашките критериуми, со цел да изгради функционален и демократски систем компатибилен со европските стандарди. Според неа, евроинтегративниот процес мора да остане заснован на заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не да биде оптоварен со билатерални историски, културни, јазични и идентитетски прашања.
Таа порача дека очекуваме еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинствено место на секој европски народ во Унијата.
„Само податок. Може ли, 20-тина и повеќе сме добиле позитивни годишни извештаи и препорака и од Европскиот Парламент, и од Европската Комисија за почеток на преговори. И никако да дојде до преговорите, најчестите барања од нас се најчудните – промена на Уставот, замислете, актот на сувереноста Уставот, највисокиот закон-законот над законите, општествената повелба на граѓаните, треба да се смени, иако, како во секој Устав, и во нашиот пишува дека иницијатива за промена може да покренат претседателот, 30 пратеници или 150.000 граѓани и владата, не пишува Европската унија, а уште помалку дека може тоа да го направи некој од соседите. Тоа е огромен предизвик.
Европската Унија понекогаш примала членки за кои и Парламентот, и Европската Комисија велеле не, и добар чекор направиле бидејќи помогнала во демократизацијата. Значи, веќе претседателот рече, на овој пат се разбира ние размислуваме за сите можни решенија, меѓутоа, кај сите политички партии во програмите, една од стратешките определби е Европската Унија како заеднички дом, нели? И ние, исто така, граѓаните кај нас, околу оваа синтагма, околу ова барање се обединуваат. Се разбира, она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди, какви што се барале од вас, или какви што се бараа и од другите членки. А тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања кои што се однесуваат на историјата, на културата и на јазикот, или на идентитетот. А во преамбулата на договорот за Европската Унија јасно пишува дека ЕУ ги признава, бидејќи е единство на различностите, и ги почитува историјата, културата, јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните. Се разбира јас барам совети и мислења кои се засновани на сопственото искуство, истото го барам и од оние коишто веќе од регионот чекорат напред, како Црна Гора и Албанија, и повторно забележувам разлики. Значи, разликите се врзани за ветото и за консензуалното одлучување во рамките на Европската Унија, се разбира, мене ми е јасно дека тоа не може да се смени преку ноќ, бидејќи треба да се менуваат уставните документи, но она што го бараме ние скромно, како држава, како нација, е да нема двојни стандарди и да се вреднува она што се вреднува и кај останатите“, порачала, меѓу другото, Сиљановска.