Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа и паштунскиот, Радио Машал, ќе бидат затворени на 31 март 2026 година. Одлуката доаѓа во контекст на глобални буџетски ограничувања и реорганизација на ресурсите во рамки на медиумската мрежа.
Информацијата ја соопшти претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус, кој истакна дека затворањето на македонскиот сервис, како и паштунската служба Радио Машал, претставува последица на финансиски притисоци и потреба од прераспределба на средствата.
„Затворањето на овие два сервиса е загуба за публиката што ја опслужуваат. Но, сегашната буџетска состојба на Радио Слободна Европа не принуди да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме ресурсите. Длабока благодарност за работата на овие тимови“, порачал Капус.
Покрај македонската редакција, ќе бидат затворени и други сервиси во рамки на Радио Слободна Европа/Радио Либерти, како дел од поширокиот процес на намалување на трошоците и реорганизација на работењето.
Радио Слободна Европа на македонски јазик работи од 2001 година.