Вчера во Софија, Бугарија, претседателот на Левица, Димитар Апасиев и пратеникот Амар Мециновиќ, ја посетиле кубанската амбасада и оствариле состанок со Н.Е. Мариета Гарсија, на кој ја изразиле нивната цврста и недвосмислена солидарност со народот на Куба, кој со децении се соочува со неправедна, незаконска, нехумана и злосторничка економска блокада.
Според Левица, блокадата е систем на колективно казнување што го ограничува правото на развој, здравство, образование и достоинствен живот – само затоа што Кубанците не се откажуваат од својот суверенитет, како пример на империјалистички притисок врз една суверена држава која избрала свој пат.
-Покрај тоа, Куба останува симбол на отпор, достоинство и интернационална солидарност. Во најтешките моменти на глобалната пандемија, кога многу побогати и помоќни држави се повлекоа, Куба испрати медицински тимови, експертиза и поддршка низ целиот свет, вклучувајќи ја Македонија. Кубанските лекари, водени од идејата за хуманост, а не профит, беа таму каде што беше најпотребно. Тоа е вистинското лице на меѓународната солидарност и затоа не забораваме.
Затоа денес, кога Куба се соочува со економски тешкотии и притисоци, наша обврска е да возвратиме со јасна политичка поддршка, порачуваат од опозициската партија.
Левица бара укинување на блокадата и почитување на правото на Куба на самоопределување и развој без надворешни уцени.
-Бараме свет заснован на соработка, а не на доминација. И крајно, бараме македонското МНР да прекине да слугува на туѓи насилнички интереси и да го избере правецот на мирот на соработката, стои во објавата на партијата за средбата со амбасадорката на Куба.