Македонија за жал држи неславен рекорд на Балканот со своето време на чекање да почнат преговорите за пристапување кон ЕУ, иако е земја – кандидат уште од 2005 година, истакна претседателот на „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи Никола Димитров, на вчера одржаниот панел за ЕУ проширување во Париз, Франција.
„Мојата земја е ноторен пример за тоа како не треба да се изведува процесот на проширување. Во чекалницата на ЕУ сме преку 20 години не поради недостиг на реформи, туку блокирани сме поради билатерални прашања. И тоа, не реални, економски, или територијални, туку прашања што се повеќе метафизички – за историја, идентитет, име… Со Преспанскиот договор во 2018 тргнавме една од големите пречки, долгогодишната блокада од страна на Грција поради спорот околу името. Но, очигледно тоа не беше доволно. Сега имаме предизвик со друг сосед, Бугарија, и повторно, билатерален спор се испречува на патот на нашите евроинтеграции“, рече Димитров на панел дискусијата „Проширувањето на ЕУ: стратешки избор“, организирана од Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI).
Тој истакна и дека во време на големи геополитички предизвици, проширувањето е предмет на стабилност и безбедност како никогаш досега, и дотолку повеќе треба сите да се потрудиме овој регион да биде интегриран.
„Имаме шанса за win – win исход. За нас ЕУ е составен дел од нашите животи. Одиме на одмор во земји од ЕУ. Нашите деца студираат во ЕУ. Преку 80% од трговијата ни е со ЕУ. Околу три четвртини од странските инвестиции ни доаѓаат од европски компании. Значи, на истиот брод сме. За нашите граѓани не е премногу тешко да емигрираат во ЕУ и таму да живеат и работат. Се мачиме да ги задржиме нашите инженери, лекари и други стручни кадри дома, затоа што полесно им е да станат членови на ЕУ индивидуално и со своите семејства, одошто да чекаат европскиот сон за подобар живот, за одговорност на политичарите, за казнивост на корупцијата, и за сите останати европски вредности, да го остварат во својата земја. Но, ние сакаме европски живот дома. Клучно е да ја имаме Франција за наш сојузник на тој пат и мило ми е што францускиот министер за Европа кажа дека комплетирањето на континентот во рамки на ЕУ е добро и за неговата земја, како и за самата Унија. Влоговите се навистина големи и сите може да добиеме ако се потрудиме“.
Димитров пред почетокот на конференцијата оствари средба и со францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад, со кого што имаше отворен и суштински разговор за проширувањето, иднината на регионот, но и на самата Европа во овие бурни геополитички времиња. И самиот Хадад, во воведното обраќање на настанот, истакна дека Франција е пријател на земјите од Западен Балкан и има стратешки интерес да биде поприсутна во регионот.
На забелешката на модераторот на панелот околу опасностите Македонија и останатите земји од Западен Балкан да бидат предмет на засилено влијание од други моќни сили надвор од ЕУ во време на силни геополитички предизвици во регионот и светот, Димитров одговори дека визијата за стабилен Балкан е евроатлантска интеграција.
„И кога немате доволно супстанца да потврдите дека евроинтеграцискиот процес подолго време испорачува, тогаш природно е други глобални сили да се обидат да го заземат местото на ЕУ, да се мешаат во процесот, да го минираат самиот пристап кон ЕУ. Имавме мешање на Русија во политичките процеси во Црна Гора, исто така нивно мешање во процесот на помирување помеѓу Северна Македонија и Грција. Има сили чиишто модус операнди е да ги користат постоечките спорови во регионот и да ги влошуваат колку можат. Затоа, доколку ЕУ сака да биде глобален играч, Западен Балкан е своевиден тест за тие амбиции. Доколку ЕУ не може да испорача при решавање на спорови во регионот, како тогаш на друго место ќе биде фактор? Во спорот Азербејџан – Ерменија, на пример, или сега во војната со Иран, или во израелско – палестинскиот конфликт. Ако сакате да сте глобален играч, мора прво да се докажете локално“, смета Димитров.
На крајот, претседателот на „Солуција“ потсети дека Преспанскиот договор беше многу тежок емоционален компромис и за двете држави, и дека водечките земји во ЕУ ветуваа дека ако Македонија го исполни само уште тој услов ќе ги отпочне преговорите.
„Дури и најмоќната земја во ЕУ, односно тогашната германска канцеларка Ангела Меркел дојде во Скопје воочи референдумот околу Преспанскиот договор за да ја убеди македонската јавност. Ветувањето сепак не беше исполнето. Веќе стана тешко во мојата земја да се добијат избори играјќи на картата на евроинтеграциите. И покрај сѐ, народот е сѐ уште во големо мнозинство за членство во ЕУ, но жално е што сѐ помалку верува дека тоа ќе се случи некогаш. Деликатно е дури и да се критикува актуелната македонска влада дека не е доволно про-ЕУ ориентирана, затоа што ние како држава во повеќе наврати ги стававме сите адути во насока на евроинтеграциите, но очигледно не можеме да им испорачаме на граѓаните“, потенцирал Димитров.