Меџити со порака до Костадиновски: Ако сакаш дневна политика, напушти го Уставниот суд

„Тој почна да се однесува повеќе како шеф на партија или институција што се занимава со дневна политика отколку како претседател на Уставниот суд“, вели еден од лидерите на ВЛЕН

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити го повикал претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски да се посвети на извршување на своите должности, а не да се занимава со дневна политика.

„Претседателот на Уставниот суд треба да биде на ниво на своите должности. Тој почна да се однесува повеќе како шеф на партија или институција што се занимава со дневна политика отколку како претседател на Уставниот суд. Не е во ред претседателот на Уставниот суд да биде коментатор на политички настани на дневна основа. Апелирам до него да биде на ниво на своите должности како претседател на Уставниот суд ако сака да ја почитуваме таа институција, како што треба да се почитува“, рекол Меџити на поткастот на порталот „Ора24“.

Еден од лидерите на ВЛЕН му порачува на Костадиновски дека доколку сака да се занимава со дневна политика, треба да ја напушти позиција уставен судија и да се кандидира за пратеник или за некоја друга политичка позиција каде што може да ги искаже своите ставови.

Партиите од албанскиот блок влегоа во „клинч“ со Костадиновски откако Уставниот суд ги отфрли иницијативите со кои се спореа дел од измените на Законот за прекршоците со кои беше овозможена имплементацијата на системот „Безбеден град“. Во рамките на дебатата, претседателот на Уставниот суд осврнувајќи се наводите од инцијативите, меѓу другото рече дека „Безбеден град“ е проектиран да препознае возило и регистарска табличка, а не јазик.

„Сметам дека пораката треба да биде на македонски, бидејчи тој е службен јазик и тоа е право и должност на сите граѓани. Добро е пораките да бидат на македонски и на англиски јазик оти и странец може да направи прекршок. Прашањето на јазикот мислам дека е сосема исправно уредено во Законот за прекршоци, каде тој упатува на примена на јазикот, но во постапката. Текстуалната порака е доволно да биде на македонски и на англиски. Тој систем не регистрира човек, туку возило. Тој потоа во сите фази од постапката ќе го користи албанскиот јазики. За поседување мобилен телефон не постои обврска, но нема обврска ниту за поседување возило“, рече Костадиновски пред десетина дена.