Петровска: Мисајловски бега од дуел со мене – две години нема поместување во одбраната освен најави за „историски“ набавки и буџет

„Промоцијата на 17 „Страјкери“ е еден од седумте договори на Влада со Влада склучени во времето на владите на СДСМ“, порача пратеничката

од Nikola Popovski
39 прегледи

Пратеничката и поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска потсетува дека вчерашната промоција на 17 „Страјкери“ е еден од седумте договори на Влада со Влада склучени во времето на владите на СДСМ. Петровска го поздравува спроведувањето на овој договор како клучен во процесот на модернизација и опремување на македонската Армија, но, вели дека е загрижена поради фактот што, како што вели, две години освен најави за “историски” набавки и “историски” буџет за одбраната не гледам поместување.

-За 2 години не е склучен ниту еден нов договор за модернизација на Армијата. Состојбите во одбраната не се баш такви бајковити како од изјавите на Мисајловски. Нема нови набавки, нема покачување на платите, нема нов Колективен договор, нема нови вработувања од критичните специјалности, нема унапредувања по заслуги, нема реформа на системот за справување со кризи и несреќи, нема напредок, само лажни изјави.

Токму затоа и Мисајловски бега од дуел со мене, на лагата и се кратки нозете, порача пратеничката.

Вчера Армијата доби  лесни пешадиски оклопни возила „Страјкер“ набавени од САД. Овие возила ја прават македонската армија прва во Европа која поседува вакви специфични борбени модели. Возилата се дел од модернизацијата на армијата и ќе бидат наменети за лесната пешадиска баталјонска група декларирана за НАТО операции.

САД остануваат со поддршка на модернизацијата на армијата како доверлив НАТО партнер, земјава најавува вложување во одбраната.

Според договорот меѓу македонската и американската влада, покрај лесните пешадиски оклопни возила „Страјкер“ набавени се и други лесни тактички возила, вкупно 96, коишто веќе се користат во Армијата.