Спасовски ја демантира Владата: Немаме најевтино гориво во регионот – дизелот во Словенија е 1,52, а во Македонија 1,55 евра за литар

„Ако не знаете какви се цените, излезете од Министерството за економија и отидете на пазарот во Буњаковец“, му рече Спасовски на министерот Дурмиши

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашање до министерот за економија, Бесар Дурмиши, кое се однесуваше на состојбата со цените, нивниот раст и економската криза која се чувствува кај граѓаните. Тој посочи дека цените на основните прехранбени производи, вклучувајќи деривати, значително пораснале и дека тоа директно влијае врз секојдневната потрошувачка и семејните буџети, предизвикувајќи сериозни последици врз економската состојба на населението.

„Факт е дека во Македонија цените на нафтените деривати поскапеа, затоа се преземаа мерки за коишто сметам дека не се навремени и тоа го покажаа резултатите. Меѓутоа, сето тоа ќе ефектуира и врз растот на цените во маркетите, односно директната дневна потрошувачка за потребите на живеењето на сите граѓани.

Еве, на пример, за една недела ќе прочитам неколку цени коишто биле променети и морам да кажам дека така тивко се менуваат:

• Зејтинот 74 денари бил, сега од 93 до 118
• Кафето било 104 денари мината недела, сега е 120 до 140 денари
• Меленото месо било околу 638, сега е 730 до 849
• Пилешкото месо 376, сега е 401 до 493
• Млекото 56, сега е 67 до 78“, рече, меѓу другото, Спасовски од говорницата.

Пратеникот му порача на министерот дека не знае што се случува со цените. Тој тврди дека ако не знае какви се цените, нека излезе од Министерството за економија и нека отиде на пазарот во Буњаковец и ќе ги види цените.

-Не е факт дека сме со најмала цена на горива во регионот. Во моментот, дизелот во Словенија е 1.52, а во Македонија 1,55 евра за литар. Тоа е официјалната цена. Зборувам за официјалните и тие се ситуациите, му порача Спасовски на Дурмиши.