Николоски тврди дека Мијалков ја формирал Левица и обвини дека поради „хистеријата“ на партијата биле скапи становите во Скопје

„Затоа во Центар, Аеродром, Карпош, урбаниот дел на Кисела Вода и Гази Баба, Чаир не се носат планови - ви кажувам како министер, не ги потпишувам заради хистеријата што ја имате создадено“, му рече Николоски на пратеникот Мециновиќ

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

За високите цени на становите и висината на квадратниот метар, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски ги обвинува политичарите од опозицијата. Ова беше кажано на денешната собраниска седница за пратенички прашања откако тој доби прашање од членот на Левица, Амар Мециновиќ.

„Мислам дека е добро да знае македонската јавност дека една од основните причини зошто цената на станбениот квадрат во неколку општини во Скопје е ваква каква што е заради хистеријата која што вие и вашите прокси-коалициски партнери ја создавате. Во Македонија во моментов, да се донесе детален ДУП се смета за поголемо злодело отколку да се убие човек на улица. Се пресметуваат метри квадрати, профити, кој стоел позади тоа, кој бил сопственик итн.

Затоа во Центар, Аеродром, Карпош, урбаниот дел на Кисела Вода и Гази Баба, Чаир не се носат планови – ви кажувам како министер, не ги потпишувам заради хистеријата што ја имате создадено. Пробавме да олесниме за хотели за оние кои не се градски, кревате хистерија по медиуми. Што е проблем да се градат хотели во Македонија? Сега олеснуваме за маркети затоа што сам зборувате дека инфлацијата галопира и дека цените на храната отишле нагоре, менуваме правилник со кој овозможуваме побрзо да оди урбанизацијата, вие повторно со соопштение, па сте ме измонтирале мене и премиерот и сте ја ставиле сликата на тој кој што ве формираше. Подолго сум во политиката, прашајте го Димче Апасиев како сте формирани – со директна и материјална поддршка на Сашо Мијалков кој што го обвинувате за градење на хотел во Охрид и дека не сме го спречиле“, рече Николоски од собраниската говорница.

„Резултат на вашата политика е 2500 евра за квадрат и ако продолжиме со оваа политика, 5000 ќе биде квадрат. Ако нема градба и понуда, а има побарувачка, ќе одат цените нагоре. Пазар е тоа. Нема ниту еден начин за интервенција. Има побарувачка, а нема понуда – хистерија направивте од темата“, додаде министерот.