Левица до Николоски: Велите ние сме виновни за квадратот од 2.500 евра, а не тие што со децении владеат и имаат партнери во урбанистичката мафија

„Тие што седат по ручеци, вечери и кумства со инвеститори, тие не се проблем - проблем е Левица“, соопштија од опозициската партија

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Вчера во Собранието дојде до жестока дебата меѓу пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ и министерот за транспорт, Александар Николоски кој наместо да одговори на поставеното прашање, потенцираше дека Левица била виновник за високите цени на становите:

„Да кажете дека Левица е виновна за квадратот од 2.500 ЕУР, тоа е чиста когнитивна дисонанца. Јас со 29 години сум виновен, а не тие што со децении владеат и имаат партнери во урбанистичката мафија. Тие што седат по ручеци, вечери и кумства со инвеститори, тие не се проблем – проблем е Левица“, рече Мециновиќ.

„Велите дека ние создаваме хистерија?! Хистерија е кога семејствата не знаат каде ќе живеат. Хистерија е кога млад човек се иселува затоа што нема услови за живот. Хистерија е кога луѓето живеат во станови што прокапуваат и не можат да си дозволат нормален живот. За граѓаните, проблемот не се ДУП-овите, туку тоа што нема регулација на кириите, што нема социјално домување и што индустријата е целосно дерегулирана. Триесет години нема никаква контрола, се концентрира богатството кај шпекулантите, а Вие зборувате за Левица. Дајте да донесеме закони и да ја регулираме индустријата. А не да зборуваме за ДУП-ови додека во реалноста профитираат Нефи и Мијалков“, додаде пратеникот од Левица.

Претходно министерот за транспорт изјави дека е „добро да знае македонската јавност дека една од основните причини зошто цената на станбениот квадрат во неколку општини во Скопје е ваква каква што е заради хистеријата која што вие и вашите прокси-коалициски партнери ја создавате“.

-Во Македонија во моментов, да се донесе детален ДУП се смета за поголемо злодело отколку да се убие човек на улица. Се пресметуваат метри квадрати, профити, кој стоел позади тоа, кој бил сопственик итн.

Затоа во Центар, Аеродром, Карпош, урбаниот дел на Кисела Вода и Гази Баба, Чаир не се носат планови – ви кажувам како министер, не ги потпишувам заради хистеријата што ја имате создадено. Пробавме да олесниме за хотели за оние кои не се градски, кревате хистерија по медиуми. Што е проблем да се градат хотели во Македонија? Сега олеснуваме за маркети затоа што сам зборувате дека инфлацијата галопира и дека цените на храната отишле нагоре, менуваме правилник со кој овозможуваме побрзо да оди урбанизацијата, вие повторно со соопштение, па сте ме измонтирале мене и премиерот и сте ја ставиле сликата на тој кој што ве формираше. Подолго сум во политиката, прашајте го Димче Апасиев како сте формирани – со директна и материјална поддршка на Сашо Мијалков кој што го обвинувате за градење на хотел во Охрид и дека не сме го спречиле, рече Николоски од собраниската говорница.