Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, остварил работна средба со проектантите на БРТ-системот (Bus Rapid Transit), на која детално биле презентирани решенијата, намената и техничките аспекти на проектот. Од Град Скопје информираа дека на средбата се разговарало за трасите, начинот на функционирање, како и за придобивките што овој систем ќе ги донесе за градот и за граѓаните.
Особено беше нагласено дека трасата на БРТ нема да поминува низ средишното зеленило, со што се заштитуваат важни природни ресурси, вклучително и водоснабдувањето на градот. Наместо тоа, системот ќе се движи по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се предвиди ново зеленило како природна бариера.
По околу шест години застој, Владата во вторникот (24.03) го одобри Договорот за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Скопје“.
„БРТ е современ јавен превоз што функционира како метро на тркала, со посебни ленти, приоритет на раскрсници и висока фреквенција“, порача скопскиот градоначалник.