УЈП со засилени контроли – Илјадници фирми работат без фискален апарат

Според податоците на институцијата, 6.451 активни субјекти со вработени не поседуваат фискален уред, а од нив 3.115 се и ДДВ-обврзници. Дополнително, УЈП ќе проверува уште 13.966 субјекти без фискални уреди, за да утврди дали навистина вршат деловна активност

од Кристијан Димков
39 прегледи

Управата за јавни приходи (УЈП) најави засилени контроли насочени кон даночни обврзници кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем, со цел сузбивање на сивата економија и зајакнување на фискалната дисциплина.

Според податоците на институцијата, 6.451 активни субјекти со вработени не поседуваат фискален уред, а од нив 3.115 се и ДДВ-обврзници. Дополнително, УЈП ќе проверува уште 13.966 субјекти без фискални уреди, за да утврди дали навистина вршат деловна активност.

„Контролите ќе бидат насочени кон дејности каде најчесто се вршат готовински плаќања, како трговија, угостителство, туристички услуги, како и други услужни дејности.

Согласно законските обврски, секој даночен обврзник е должен:

• да воведе фискален апарат или систем

• да го регистрира во УЈП пред почеток на работа

• да издава фискална сметка за секоја извршена услуга или продажба“, велат од УЈП.

Оттаму потсетуваат дека согласно закон, секој даночен обврзник е должен да воведе и регистрира фискален апарат пред започнување со работа, како и да издава фискална сметка за секоја услуга или продажба. За непочитување на овие обврски се предвидени глоби, можност за затворање на објект, па дури и кривична постапка во одредени случаи и апелираат до сите субјекти кои сè уште немаат воведено фискален систем, навремено да се усогласат со законските обврски и да обезбедат транспарентно и законско работење.