Ле Риголер: Владата релативно лесно би можела да ги спроведе уставните измени бидејќи со тој потег државата конечно ќе излезе од сегашниот застој

Францускиот амбасадор порача дека евроинтегративниот пат на Македонија, неминовно минува низ усвојувањето на уставните амандмани, а дијалогот меѓу Скопје и Софија, како што кажа, не треба да служи за повторно преговарање на европскиот компромис од 2022

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: МЈА

Актуелниот геополитички момент е исклучително поволен за проширување на Европската Унија, но оваа историска можност мора да се искористи веднаш бидејќи светот брзо се менува, вели францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер за РСЕ, оценувајќи ја подготвеноста на Македонија за отпочнување на преговорите.

Според него, централна етапа за отворање на првиот и најважен кластер наречен „Фундаментални вредности“ е отворање на уставните измени, точно како што е предвидено во преговарачката рамка, а кога станува збор за односите со Бугарија, тој прави дистинкција меѓу европскиот процес и билатералните прашања.

Ле Риголер порача дека евроинтегративниот пат на земјава, неминовно минува низ усвојувањето на уставните амандмани, а дијалогот меѓу Скопје и Софија, како што кажа, не треба да служи за повторно преговарање на европскиот компромис од 2022 година, туку исклучиво за враќање на изгубената доверба.

Амбасадорот оценува дека актуелната влада има широко мнозинство во Собранието и оти релативно лесно би можела да ги спроведе уставните амандмани бидејќи со тој потег државата конечно ќе излезе од сегашниот застој и ќе наметне нова, позитивна динамика на својот евроинтегративен пат, со што и односот на Унијата кон земјава би се подигнал на повисоко ниво.

„Сметаме дека лесно би се спровеле уставните амандмани и нашиот влог е следниот. Усвојувајќи ги уставните измени, Северна Македонија ќе воспостави динамика. Динамика на својот сопствен пат. Уставните амандмани ќе бидат усвоени за реформите и ќе се напредува многу и легитимно може да сметаме дека неопходните документи за отварање на кластерот еден се подготвени и спремни за усвојување и ќе се отпочне нова реална динамика. Денес сме во динамика којашто не постои, затоа што процесот е запрен и би сакале процесот повторно да отпочне. А кога ќе отпочне тогаш динамиката и односите во рамки на ЕУ ќе бидат поразлични“, оценува Риголер.

Францускиот амбасадор во Скопје Кристоф порачува дека нема нови преговори за компромисот, и предупредува на пропуштени шанси во дијалогот меѓу Скопје и Софија.