Над 6400 активни фирми работат без фискални уреди, ќе се врши теренска проверка на уште 14 илјади

Илјадници активни даночни обврзници вршат дејност и остваруваат промет без фискален уред

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Локално

Управата за јавни приходи најави дека започнуваат засилени активности насочени кон субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем на опрема.

-Имено, согласно службената евиденција на УЈП, во дејностите трговија на големо и трговија на мало, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, правни и сметководствени дејности, туристички агенции и организатори на патувања (туроператори), каде што претежно се врши промет на добра и услуги кон крајни купувачи со готовински плаќања, 6.451 даночен обврзник се деловно активни и имаат вработени лица, а воопшто немаат регистрирано фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, велат од УЈП.

Од нив, 3.115 субјекти се регистрирани и за целите на ДДВ, што дополнително укажува на вршење редовна деловна активност. Активностите и контролите во првата фаза ќе бидат насочени токму кон овие активни субјекти, со цел нивно итно усогласување со законските обврски за евидентирање на готовинските плаќања.

-Дополнително, од страна на УЈП детектирани се уште 13.966 даночни обврзници во овие дејности без регистрирани фискални уреди, за кои УЈП ќе спроведе теренски проверки, вкрстување на податоци и други контролни механизми, со цел да се утврди дали истите реално вршат деловна активност без да го пријавуваат прометот и без да пресметуваат и плаќаат даноци. Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност, но не го пријавуваат прометот и не пресметуваат и плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки согласно закон, истакнуваат од УЈП.

Согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања секој даночен обврзник кој врши промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (готовински плаќања) е должен да воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања и задолжително да издава сметка за извршениот промет, односно услуга (фискална сметка).

Во таа насока, даночните обврзници се должни:

-да воведат и користат фискален апарат или фискален систем на опрема;

-да го регистрираат истиот во Управата за јавни приходи пред започнување со вршење на промет;

-да издаваат фискална сметка за секоја извршена продажба на добра или услуги за која се врши готовинско плаќање.