Левица: Власта одобри одбележување на контроверзниот Фејзиу кој еден од иницијаторите за референдумот на Албанците во 1992

„Во јавноста, Фејзиу е препознатлив и по изјавата „Тоа се наши деца“, дадена во 2001 година кога поранешни припадници на ОНА од тетовското Кале отворија оган врз безбедносните сили“, обвинија од Левица

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

Левица ја обвинува власта дека без збор одобри одбележување на јубилеј посветен на контроверзниот Милаим Фејзиу со што уште еднаш докажала, како што велат, дека коленичи и капитулира пред коалициониот партнер ВРЕДИ. Партијата истакнува дека се работи за фигура поврзана со иницијативата за албанскиот референдум од 1992 година, прв претседател на Сенатот на Тетовскиот универзитет и учесник на трибината во 2021 година за формирање на партијата „Република Илирида“, која се залага за федерализација на државата.

-Во јавноста, Фејзиу е препознатлив и по изјавата „Тоа се наши деца“, дадена во 2001 година кога поранешни припадници на ОНА од тетовското Кале отворија оган врз безбедносните сили.

Одлуката да се одбележи јубилејот на Милаим Фејзиу отвора сериозно прашање за критериумите според кои државата селектира личности достојни за институционално чествување. Во ситуација кога самиот предлог минува „без збор“, се создава впечаток на политичка инерција или (како и секогаш) задоволување на коалициските апетити, наместо аргументирана дебата. Таквиот пристап не само што ја девалвира процедурата, туку го релативизира значењето на јавниот консензус во однос на историски чувствителни фигури и секако на националните темели на државата, потенцираат од опозициската партија.

Според Левица, контроверзноста на Фејзиу не произлегува од маргинални или споредни аспекти на неговото делување, туку од директна поврзаност со политички проекти и изјави што длабоко ја поларизираат јавноста. Во тој контекст, неговото институционално чествување може да се чита како нормализација на агенди што се перципираат како спротивни на унитарниот карактер на државата и нејзино федерализирање.

Особено проблематично е што паралелно се одбиваат други предлози со образложенија за „непотребно отворање на Пандорината кутија“, додека во истиот пакет се прифаќа фигура која токму тоа го прави – отвора длабоки, нерешени политички и етнички тензии. Овој двоен стандард укажува на недоследност во примената на критериумите и на селективна чувствителност кон историските контроверзии, нагласуваат од партијата на Димитар Апасиев.

Во поширок контекст, ваквите одлуки ризикуваат да ја компромитираат симболичката функција на државните чествувања. Чисто за споредба други планирани јубилеи за чествување се и оние на Даме Груев, Крсте Петков Мисирков, Петре Андреевски, Никола Бадев, Ристо Шишков…, стои во партиското соопштение.