Јовановски призна вина дека ја тепал Ивана, но не и дека ја навел на самоубиство

„На жртвата ѝ упатувал закани од типот ‘ќе те убијам, ќе видиш што ќе ти направам’, при што со умисла вршел семејно насилство на повеќе места“, наведе обвинителката за делото против Јовановски

од Nikola Popovski
72 прегледи Фото: Социјални мрежи/Креатива Локално

Во Основниот кривичен суд Скопје започна судењето против Стојанче Јовановски, кој се товари дека преку континуирано семејно насилство ја довел својата сопруга Ивана Јовановска до самоубиство, при што животот го загуби и нивната малолетна ќерка Катја Јовановска по пад од балкон.

На денешното рочиште, обвинетиот изјави дека чувствува вина за дел од делата што му се ставаат на товар, но го отфрли обвинението за наведување и помагање при самоубиство. Судот, сепак, не го прифати неговото признание, откако Јовановски тврдеше дека било дадено под притисок и закани.

Обвинителката Адела Бојчевиќ истакна дека обвинението се темели на умисла и долгогодишно насилно однесување. Таа детално го опиша настанот од 2 март, кога, според обвинението, Јовановски на повеќе локации во Скопје ја нападнал сопругата – физички и вербално, упатувајќи ѝ сериозни закани.

„На жртвата ѝ упатувал закани од типот ‘ќе те убијам, ќе видиш што ќе ти направам’, при што со умисла вршел семејно насилство на повеќе места“, наведе обвинителката.

Во однос на обвинението за поттикнување самоубиство, Обвинителството посочува дека не станува збор за директен повик, туку за специфичен облик на наведување, при што континуираното и сурово однесување создало психичка состојба кај жртвата што довела до трагичниот исход.

Пред судот, обвинетиот изјави дека ги разбира обвиненијата за првите две кривични дела, но не и за третото, со кое не се согласува. За време на своето излагање, тој емотивно реагираше, тврдејќи дека не бил сослушан и дека бил присилуван да признае вина за сите точки од обвинението.

Јовановски се товари за неколку кривични дела, телесна повреда односно повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство. Прибавените докази од страна на обвинителството укажувале дека Јовановски подолг период се однесувал насилнички кон Ивана.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а во продолжение на постапката се очекува изведување докази и сослушување сведоци.