Први денови од работата на новиот државен јавен обвинител Ненад Савески и веднаш обвинувања од опозицијата. Се истакнува дека се елиминира обвинителката на ОЈО ГОКК која ги гонеше корумпираните началници и полицајци кои не постапија за трагичната ноќ во Кочани и дека новиот државен јавен обвинител за свој заменик ја назначи Анита Топалова Исајловска која бараше да падне случајот “Талир” за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ…Исто така од опозицијата порачуваат дека за нов шеф на Вишото ЈО е предложена обвинителката Јасмина Костеска Здравеска, за која се слушаше во „бомбите“ и беше договаран нејзиниот избор…Неминовно е да се спомене и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој си кажа свои „нарачки“ за тоа што посакува да биде разгледано и истражено од новиот прв човек во јавната обвинителска фела.
Што значат првите потези кои ги повлече Савески? Дали по утрото се познава денот?
Дел од експертите сметаат дека рано е да му судиме на новиот државен обвинител. Како што вели универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев, кадровските решенија не се само негов избор, но за него токму кадровското екипирање и правењето на некаков тим што ќе му помага е важна работа.
-Подеднакво е важно на самиот старт јасно да покаже дека нема да прима политички нарачки. Од него се очекува да стави крај на политички монтираните процеси кои ни станаа секојдневие, вели Калајџиев во изјава за „Локално“.
Професорот воопшто не се сомнева дека политиката ќе проба да го инструментализира обвинителот.

Гордан Калајџиев-Фото: Јутјуб/Принтскрин
„Едно знам, системот се распаѓа и немаме повеќе време за игранки. Време е некој да се соочи со мафиите или нема да не биде. Со штитот или на него“, потенцира Калајџиев.
Од друга страна, според Мартин Тасевски, магистер по казнено право и истражувач за владеење на правото, првите потези на Савески не оставаат простор за дилема – ова не е старт на реформа, туку старт на контрола. Според него, фактите се кристално јасни. Тој потсетува дека „за заменик се назначува обвинителка која бараше паѓање на „Талир“, предмет за незаконско финансирање на владејачка партија.
„За шеф на Вишото ЈО се предлага Јасмина Костеска Здравеска, име кое се појавуваше во „бомбите“ како дел од политички договарања за избори во правосудството. Паралелно, се отвора простор за елиминација или маргинализација на обвинителка – квалитетна што гонеше корупција во МВР (случај Кочани)“, истакнува соговорникот.
Тасевски оценува дека ова не е случајност туку архитектура.
-Кога клучни позиции ги заземаат лица поврзани со политички чувствителни одлуки, а се оттурнуваат обвинители што работат против системска корупција, тогаш не се поставува прашањето „дали има влијание“, туку „кој го контролира процесот“. По утрото се познава денот – а ова утро јасно покажува дека правосудството не се ослободува, туку се редизајнира. Идејата е едноставна и опасна: се укинува независноста формално – и се заменува со лојалност, посочува истражувачот.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека очекува новиот државен јавен обвините да ги отвори предметите кои, според него, со години стоеле во фиока и да провери дали постои основано сомнение за организиран криминал. Мицкоски од Собранието рече дека од Савески лично очекува да расчисти како, како што наведе, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева додека била во затвор ги активирала предметите во судството. Тој побара да се утврди и врз кои докази се воделе постапките за „27 април“, како и колкави биле бонусите на обвинителите од СЈО.

Мартин Тасевски/Фото: Фејсбук
Премиерот кажа дека Владата често ги разгледува извештаите на Државниот завод за ревизија и дека, ако во нив се констатира дека предмети не се процесирале, тогаш очекува тие случаи да бидат повторно отворени и анализирани. Според него, станува збор за голем број предмети доставени до обвинителството кои не биле процесуирани. Во истата изјава, Мицкоски упати јавен апел до Савески да отвори истрага секогаш кога ќе има сомнение за криминал, без разлика за кого станува збор, вклучително и ако се работи за член на Владата. Тој рече дека не смее да има повластени и дека јавноста треба да добие јасна информација за тоа што се случувало со тие предмети.
За Тасевски, ова што го гледаме не се „изјави“, туку директно политичко позиционирање врз обвинителството. Според него, факт е дека премиерот јавно се впушти во квалификации за обвинители, вклучително и за обвинителката Ленче Ристоска, што по дефиниција е притисок.
„Кога извршната власт таргетира конкретен обвинител, тоа испраќа порака до целиот систем: кој е „прифатлив“, а кој не. Паралелно, имаме и јавни насоки кои предмети треба да се отвораат или преиспитуваат. Тоа веќе не е политика – тоа е мешање во кривично гонење. И тука е суштината: не мора да постои писмена наредба. Доволно е политичар на власт јавно да означи „неподобен“ обвинител и „пожелен“ предмет – системот сам ќе се прилагоди. Случајот со Ристоска е симптом, не исклучок. Тој покажува дека притисокот веќе не е скриен, туку легитимиран во јавен простор. Кога ќе го споиш тоа со кадровските потези во обвинителството, добиваш целосна слика: политичка волја + институционално спроведување. Да бидеме директни: ова е обид за правосудство по теркот на власта. А таму, обвинителите не одлучуваат според закон – туку според сигнал“, оценува соговорникот.
Советот на јавни обвинители едногласно ја отфрли иницијативата на обвинителката Ристоска, која се жалеше на притисоци од страна на власта. Советот не најде конкретни докази за повреда на нејзините самостојност и интегритет во изјавата на премиерот Мицкоски, кој иако не ја спомена по име, употреби термин медиокритет со клиентелистичко-политичка матрица.
Советот ја укина суспензијата на вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, кој се враќа на работа. Постапката за предметот против него за дисциплинска одговорност имала сериозни пропусти. Дисциплинската против поранешниот прв човек на вишото скопско обвинителство, Мустафа Хајрулахи, е прекината откако тој и се врати на адвокатурата.

Основно Јавно Обвинителство/Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 ТВ
„Советот испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од центрите на моќ, без да има институционална реакција“– коментира обвинителката Ристоска. Таа останува на ставот дека изјавата на Мицкоски се однесувала на неа, бидејќи единствени предмети кои таа ги застапувала се оние за ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку Советот имал дилеми во однос на индивидуализацијата на изјавата, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала неговата изјава“, посочува Ристоска.
Во последниот Извештај на Европската комисија за 2025 година, правосудството повторно е во фокусот. Оценката е дека државата се наоѓа „меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност“, но не е постигнат напредок. Клучните забелешки се продолжени притисоци и мешање од други гранки на власта, ограничени финансиски средства за судството, недоволно функционален систем за управување со предмети (АКМИС), сериозен недостиг на кадар кој ја забавува ефикасноста и го оптоварува системот, како и ограничено спроведување на претходните препораки. ЕК препорачува донесување нов Закон за парнична постапка, забрзување на спроведувањето на стратегиите, зајакнување на Судскиот совет и целосна функционализација на АКМИС – автоматизираниот систем за распределба и следење на предмети.
Во делот за борба против корупцијата, Комисијата нотира дека корупцијата останува широко распространета, случаите на високо ниво се соочуваат со застои и минимални казни, институциите како ДКСК и обвинителството имаат потреба од кадровско и финансиско зајакнување, а усвојувањето нов, модерен Кривичен законик останува неопходна задача.
Н.П.