Италијанскиот министер за одбрана Гуидо Крозето упати драматично предупредување за војната со Иран, наведувајќи дека располага со „застрашувачки“ информации кои укажуваат на ескалација на конфликтот, чии последици ќе ги почувствува цела Европа.
Во интервју за весникот „La Repubblica“, Крозето беше подиректен од кога било, истакнувајќи дека заканата не е само воена, туку и општествена и економска.
„Поради природата на мојата работа, имам увид во информации поради кои веќе не можам да спијам. Стравувам од она што би можело да се случи во наредните недели, како и од последиците што тоа ќе ги има врз економијата и секојдневниот живот“, изјави Крозето.
Министерот исто така тврдеше дека Италија не била вклучена во донесувањето клучни одлуки што довеле до сегашната напната состојба. Порача дека неговата земја не поддржува војна со Иран и дека „никој не ги прашал за мислење“.
Крозето смета дека војната со Иран би можела да биде подолготрајна и посложена од конфликтот во Украина, првенствено поради силата на Иран. „Иран е поголем, поброен и историски посилен од Украина, што го прави тежок противник“, предупреди тој.
Иако Крозето не навлезе во детали, аналитичарите сметаат дека неговата загриженост во најголем дел се однесува на Ормутскиот теснец, клучна точка за светската трговија со енергенси. Минатиот четврток, американскиот претседател Доналд Трамп повторно во последен момент го помести рокот што му го постави на Иран за отворање на Ормутскиот теснец, овојпат до 6 април, заканувајќи се со напади врз иранската енергетска инфраструктура.
Во неделата Трамп изјави дека со Техеран се преговарало „директно и индиректно“, а денес повторно побара отворање на Ормутскиот теснец.
„Постигнат е голем напредок, но ако договор наскоро не биде постигнат, од која било причина, а веројатно ќе биде постигнат, и ако Ормутскиот теснец не биде веднаш отворен, ќе го завршиме нашиот прекрасен ‘престој’ во Иран со кревање во воздух и бришење од лицето на земјата на сите нивни електрани, нафтени бушотини и островот Харг“, напиша американскиот претседател на мрежата „Truth Social“.
Техеран ги демантираше преговорите со САД, порачувајќи дека американските предлози, доставени преку посредници, се „претерани и неразумни“.
Гуидо Крозето е италијански министер за одбрана од октомври 2022 година во владата на премиерката Џорџа Мелони. Роден е во 1963 година во Кунео, а во политиката влегол во 1990-тите. Бил пратеник во италијанскиот парламент во повеќе мандати, како и државен секретар во Министерството за одбрана од 2008 до 2011 година во владата на Силвио Берлускони.
Тој е еден од коосновачите на партијата Браќа на Италија (Fratelli d’Italia). Помеѓу 2014 и 2022 година бил претседател на италијанското здружение на одбранбената и безбедносната индустрија AIAD (Federazione Aziende Italiane per l’Aerospazio, la Difesa e la Sicurezza)