Фрчкоски за аудиото со Лавров и Сијарто: Можеби прашањето треба да го одговори Муцунски

„Мој коментар е дека ништо од ова не нè зачудува. Токму за такво влијание и односи зборувавме“, вели членот на СДСМ

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: СДСМ

Членот на ИО на СДСМ, Јон Фрчкоски денеска на прес-конференцијата на партијата, беше запрашан за снимката од разговор меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Според Фрчкоски, со оглед на ситуацијата, ништо не изненадува.

„Мој коментар е дека ништо од ова, впрочем, доколку внимателно ја слушавте и оваа прес-конференција, не нè зачудува. Токму за такво влијание и односи зборувавме. Можеби е правилно истото прашање да го адресирате и до министерот за надворешни работи, господинот Муцунски, пред сè поради неговите бројни средби со Сијарто“, рече членот на СДСМ.

Еден од највпечатливите разговори се случил на 30 август 2024 година, само еден час откако Сијарто се вратил од Санкт Петербург во Будимпешта. Лавров му се јавил и веднаш преминал на главното: рускиот олигарх Алишер Усманов сакал неговата сестра Гулбахор Исмаилова да биде отстранета од списокот на санкции на ЕУ.

-Слушај, се јавувам по барање на Алишер и тој само ме замоли да те потсетам дека си направил нешто во врска со неговата сестра, вели Лавров.

Пред да го заврши разговорот, Сијарто, исто така, спомена посета на новото седиште на Газпром и додаде: „Секогаш сум на ваша услуга“.

Според европските разузнавачки претставници, тонот на размените наликува на оној на „раководител и извор“, а не на двајца рамноправни службеници.