Група на граѓани од Карпош под иницијативата „Независни за Карпош“ кои имаат свои советниците во Советот на општината обвинуваат дека вчерашното продолжување на 11-тата седница на Советот заврши уште пред да почне. По скоро еден час одложување на почетокот, додаваат оттаму, со нескриена намера да се обезбеди присуство на советник за гласање на точката која беше веќе причина за прекин на претходниот термин, започна продолжетокот на седницата.
„Повторно, непочитување ниту на времето, ниту на деловникот за работа на Советот, каде никаде не е наведен член кој овозможува одложување на почеток на седница поради отсуство на еден советник, иако кворум беше исполнет со присутни 24 советници. Сето тоа доведе до нетрпеливост и негодување на советниците. По најава на советниците вон ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја напуштат седницата, претседателот на Советот ја започна седницата. Само што започна, имаше реакции од советниците на барањето да има поименично гласање за точката за која минатата седница се прекина, а оваа започна час подоцна, за која гласањето се изврши пред 4 дена. Претседателот на Совет прогласи пауза од 15 минути и тука седницата ја напуштија поголем број на советниците“, појаснуваат од граѓанската иницијатива.
Поради неисполнување на кворум, иако според нивна информација, чеканиот советник пристигнал, седницата е повторно прекината.
„За жал, мора да констатираме дека ваквото водење на седница е насилничко, уценувачко и спротивно на сите норми на соработка меѓу советниците, и секако не во интерес на носење одлуки за добробит на граѓаните“, потенцираат од „Независни за Карпош“.
Советничката Татјана Стојановска кој е дел од граѓанската иницијатива и член на Советот на Општина Карпош, даде свое видување дека „поени во работа не се збираат со нерешавање туку со решавање на проблеми“.
„Ситуацијата беше јасна, немаа 14ти советник за да им помине точката, како и минатиот пат. Односот кон нас беше ужас, но тоа не го менува моментот дека работи што треба да се изгласаат, не се изгласаа“, истакна, меѓу другото, советничката.