„Следбениците на Живковизмот во Бугарија денеска слават што имаат вакви политичари во Македонија кои се уште се активни, како луѓето од СДСМ кои што мислат дека на овој начин ќе привлечат некакво внимание. Тие се само обичното меко ткиво на македонскиот идентитет. Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде и не бива“, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски за критиките од СДСМ дека e „прокси-руски играч“.
Како што вели премиерот, ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во било каква авантура (за уставни измени), се додека нема јасен крај и се додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед.
„Нема да се поместиме ниту милиметар. Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме на тие кои што нас ќе не следат. Ако и тие не успеат, и тие што нив ќе ги следат. Македонскиот идентитет нема простор за да биде распродаван, а овие мекотелни политичари кои се дел од мекото ткиво на македонскиот идентитет, јас сум убеден дека после следните парламентарни избори, ќе заминат во историја и никогаш повторно нема да ни се повторат“, рече Мицкоски, при отворање на Домот на културата „11 Октомври“ во Гази Баба.
СДСМ со остри обвинувања кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека тој дејствува како „прокси руски играч“ и ја води државата кон изолација. Во партиското соопштение се наведува дека актуелната власт гради врски со, како што ги нарекуваат, проруски политички центри, посочувајќи ги контактите со унгарскиот премиер Виктор Орбан и министерот за надворешни работи Петер Сијарто, како и најавената соработка со Казахстан.