Гаши: Со деполитизација албанскиот јазик може да стане службен во Македонија

„Треба да го деполитизираме ова прашање и да ја направиме употребата на албанскиот јазик природна потреба за граѓаните, бидејќи сум убеден дека секој Македонец кој зборува албански ќе биде попривилегиран“, вели собранискиот спикер

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Фејсбук

Претседателот на Собранието, Африм Гаши смета дека патот кон целосно официјализирање на албанскиот јазик на државно ниво мора да помине низ деполитизација на ова прашање. Во интервју за косовската „Teve1“, тој порачал дека употребата на албанскиот јазик е прашање од дамнешни времиња и датира од периодот на Југославија и формирањето на независната македонска држава.

„Проблемот со употребата на албанскиот јазик е од дамнина, уште од воспоставувањето на независна Македонија, но и од времето во Југославија. Треба да се стремиме еден ден албанскиот јазик да стане целосен службен јазик на државно ниво. Мислам дека ова е и во интерес на државата Македонија, но патот за постигнување на оваа цел треба да биде деполитизација, а не дневна политика“, изјавил тој.

Според Гаши, употребата на албанскиот јазик треба да се третира како природна потреба на граѓаните, а не како политичко прашање. Тој додал дека македонските граѓани кои учат и зборуваат албански јазик ќе бидат попривилегирани во општеството.

„Треба да го деполитизираме ова прашање и да ја направиме употребата на албанскиот јазик природна потреба за граѓаните, бидејќи сум убеден дека секој Македонец кој зборува албански ќе биде попривилегиран“, кажа Гаши.

Запрашан за ширењето на албанскиот јазик меѓу Македонците, Гаши навел дека нема точни податоци, но оценил дека перцепцијата е дека нивниот број е мал, главно поради политизацијата на прашањето.

„Немаме точни податоци, но перцепцијата е многу мала, бидејќи ова прашање е многу политизирано. Затоа, мислам дека треба да најдеме начини да го направиме албанскиот јазик сакан од нашите сограѓани, за да го сакаат и да го зборуваат без непријателство. Овој процес зависи и од нас и, иако може да потрае, мора да се движиме кон оваа цел“, заклучил Гаши.