Есмеров за изборите во Унгарија: Се плашам дека ќе има непризнавање на резултатите, граѓанска конфронтација, па дури и можност за повторно гласање

„Доколку Маѓар ја формира новата унгарска Влада, односот кон Македонија нема да се промени, бидејќи геостратешките интереси не се менуваат со промена на лидерот, тие се многу подолгорочни“, вели екс-амбасадорот на Македонија во Будимпешта за „Локално“

од Nikola Popovski
50 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Каде е Македонија во новата геополитичка мапа и во несогласувањата на Унгарија и ЕУ? Чии политики ги поддржуваме во моментов, со оглед на големото пријателство и чести средби меѓу Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан. Екс-амбасадорот на Македонија во Унгарија и познавач на состојбите, Игор Есмеров не смета дека целата ЕУ има несогласувања со политиките на Орбан, бидејќи, како што вели, во моментов барем пет земји членки тивко се согласуваат со неговите политика против нелегалната миграција, потребата од воспоставување на мир во Украина и обидите да се спречи европската невидливост на меѓународната сцена.

-Би се согласил дека европските либерали кои се распоредени и во левицата и центарот не се согласуваат со неговите ставови што би било логично доколку таквите ставови се прифатени од нивните гласачи. Резултат на тоа е подемот на ултранационалистички политички групации, кои претходно беа невидливи на сцената. Напротив, поради тие погрешни либерални политики се создадоа проблемите со нелегалните мигранти, почеток на европската деинструјализацја, недостатокот на ресурси, зголемената неликвидност и социјалните проблеми, посочува Есмеров во разговор за „Локално“.

Вели дека не гледа проблем доколку некој е против илегалната миграција, дефиниција на семејството како основна клетка на опшеството, постоењето на два пола, настојувањето да се засилат националните економии во рамките на ЕУ, да се врати ЕУ во друштвото на глобални конкуренти.

„Не сметам дека Мицкоски испратил погрешна порака до ЕУ“, истакнува Есмеров.

Унгарската опозициска партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, бележи значително зголемување на поддршката пред парламентарните избори закажани за 12 април. Запрашан дали очекува конечно да го прекине владеењето на Орбан, соговорникот потенцира дека според анкетите, Тисза води 10-12% во пресрет на изборите, но и на минатите избори коалицијата на Марки Зај водеше со 3%, но после изборите Орбан освои 2/3 мнозинство.

„Според мене анкетите се нерелевантни во овој момент бидејќи се правени претежно во урбани средини каде Тисза има реална предност. Се плашам дека резултатот ќе биде тесен и дека после тоа ќе има обиди за проблематизирање на изборниот процес, непризнавање на резултатите, граѓанска конфронтација, па дури и можност за повторени избори“, нагласува екс-амбасадорот, додавајќи дека не смета дека доколку партијата на Маѓар ја формира владата, односот кон Македонија ќе се промени, бидејќи, како што вели, геостратешките интереси не се менуваат со промена на лидерот, тие се многу подолгорочни.

Опозицијата во Македонија повторно обвини дека тема на разговор на последната посета на Мицкоски во Будимпешта бил екс-премиерот Никола Груевски. Есмеров е дециден дека „македонската опозиција моментално се наоѓа негде во орбитите помеѓу Сатурн и Нептун“, а, како што вели, мислам дека во моментов ниту тие самите не знаат кај се, па пробуваат да се пронајдат.

„Можам да забележам само дека таквиот став на опозицијата е многу неинтелигентен и има спротивен ефект од тој што сакаат да го постигнат бидејќи имплицираат споредба по однос како владееше ВМРО со Груевски и како владееше СДСМ со Заев/Ковачевски. Имам впечаток дека имаат се уште трауми од неговата способност и вештини во водењето на државата, наспроти нивната вселенска неспособност“, заклучува поранешниот македонски амбасадор во Унгарија.

Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Според македонските власти, Унгарија останува искрен и докажан партнер на Македонија, заедничките вредности, меѓусебната почит и силната соработка се темел на стратешкото партнерство. Во фокусот на средбата, како што рекоа од Владата, било продлабочувањето на економската соработка, нови инвестиции и проекти што ќе донесат придобивки за граѓаните на двете земји.

Мицкоски и Орбан заклучиле оти во време на предизвици, силните пријателства и јасната визија се клучни за стабилност и развој, а според Мицкоски, Македонија продолжува напред со достоинство, со реформи и со поддршка од вистинските пријатели.

На Македонско-унгарскиот бизнис форум, пак, се бараше начин за продлабочување на економската соработка, за што голема улога треба да одигра обновената авиолинија Скопје-Будимпешта.

Мицкоски рече дека врвни приоритети за владата се реформската агенда, владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. За европскиот пат, повика напредокот да се вреднува според европските стандарди.

Н.П.