Рекордни цени на горивото во САД, највисоки од 2022 година

Истовремено, се шират шпекулации за можно копнено интервенционирање на САД во Иран

од Кристијан Димков
11 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ BBC World Service

Просечната цена на бензинот во САД достигна четири долари за галон, што е највисоко ниво од 2022 година, откако војната во Иран практично го запре сообраќајот на танкерите со нафта низ Ормутскиот теснец, јавува денес Си-Ен-Ен.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп продолжи со критики кон сојузниците. Тој од Велика Британија и од другите земји на кои им е потребно млазно гориво побара да отидат во Ормутскиот теснец и „самите да го земат“.

Велика Британија соопшти дека испраќа дополнителни системи за противвоздушна одбрана на земјите од Персискиот залив за да ја поддржи „колективната одбрана на сојузниците“.

Истовремено, се шират шпекулации за можно копнено интервенционирање на САД во Иран.

Американскиот брод „Триполи“, за кој се верува дека превезува маринци, се наоѓа во Индискиот океан, соопшти Централната команда на САД, додека дополнително се засилуваат шпекулациите за потенцијална копнена операција на САД во Иран.