Левица до власта: Наместо да се раскрсти со вашите другарчиња и роднини од урбанистичката мафија, се пласира приказна дека „не се градело“ затоа што народот бил против

„ДПМНЕ го напумпа квадратот, шурува со урбанистичката мафија, собира проценти, а вината ја лоцира кај Левица и граѓаните“, обвинуваат од партијата на Апасиев

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Левица

„Чист обид да се замагли реалноста со апсурди алиби за неспособноста на ДПМНЕ да ја раскине врската со урбанистичката мафија. Го потсетуваме Николоски и јавноста: Во Македонија секој трет стан е празен. 307.000 станови стојат како бетонски депозити за профит. Во исто време, градежната активност расте – одобренијата за висока градба се зголемени од претходната година за 38,5%, а над 27.000 станови се моментално во изградба“, велат од Левица откако вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски повторно ја обвини опозициската партија дека со нивната хистерија придонесува за високи цени на станбениот квадрат во делови од Скопје.

Дополнително, велат од Левица, не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ на барање на граѓаните, а поради хистеријата создадена од Левица, запрело со ʼурбанизацијаʼ.

„Јавноста добро памти како неодамна во последен момент, со нерегуларности и крајно нетранспарентно, вмровските градоначалници носеа скандалозни ДУП-ови! И тука доаѓаме до суштината што Николоски упорно ја избегнува – квадратот не го качува Левица, туку моделот што го инсталираше ДПМНЕ. Модел во кој локацијата и шпекулацијата јадат над половина од цената, а реалната градба е сведена на технички трошок. Модел во кој сопственици на парцели, инвеститори и функционери си делат десетици проценти, додека граѓаните плаќаат како да купуваат злато, а не бетон.

И наместо да се признае тоа, да се раскрстат со нивните другарчиња и роднини од урбанистичката мафија, се пласира приказна дека “не се градело“ затоа што народот бил против. Народот не е против домување – народот е против дерегулиран грабеж маскиран како урбанизам! Против ДУП-ови што се туркаат во 5 до 12. Против планови што се кројат по мерка на „наш човек“. Против систем каде јавниот интерес не постои“, порачуваат од Левица.

Од таборот на Димитар Апасиев се децидни дека ова не е „пазар“ туку затворен круг на интереси.

„Партнери, роднини, блиски бизнис-кругови – сите на истата маса, со ист интерес да нема регулација. Затоа и не постои данок на празни станови, затоа нема ограничување на концентрација на сопственост, затоа нема сериозна јавна станбена политика, затоа државата не конкурира со изградба на станови. Затоа што регулацијата би удрила директно во тие интереси. Во меѓувреме, граѓаните се туркаат во кирија и закупите за една година пораснаа за 17%. Тоа е реалната “урбанизација“ што ја нуди ДПМНЕ станови што стојат празни за профит и перење пари наспроти луѓе што плаќаат кирија за преживување. Систем што произведува станови, но не произведува домување.

Во државите што навистина имаат функционална станбена политика, државата не е статист, туку активен играч. Во Холандија 30% од станбениот фонд е социјален, во Австрија зависно од градот достигнува и 40–60%, Франција 17%, Германија има 5-7%, а Македонија 0,5%! Ова е уште еден доказ дека не е ʼхистеријатаʼ на Левица и граѓанит епроблем, туку станува збор за свесна политичка одлука да се напушти јавниот интерес и домувањето да се остави на милост и немилост на пазарот и профитните кругови“, наведуваат од партијата во опозиција.