Во принцип не сакам да коментирам лични одлуки, но сепак изразувам жалење за одлуката на колешката Ристоска. За ваквиот чин и од неа лично бев известен преку СМС порака по поднесување на оставката, а за причините за истата дознав од медиумите, вели републичкиот главен обвинител, Ненад Савески за оставката на обвинителката. Тој истакнува дека Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда.
-Одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од моите претходници не е персонална и во никој случај не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска.
Таа одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на јавното обвинителство. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите јавни обвинители заедно и секој поединечно, да не дозволиме ништо да влијае врз нашиот професионален интегритет и секојдневна работа. Воедно, упатувам повик и до сите општествено влијателни субјекти да создадат атмосфера во која угледот на обвинителството нема да се загрози, бидејќи тоа е во интерес не само на јавното обвинителство, туку и на сите граѓани кои што ги остваруваат своите индивидуални права и слободи меѓу останатото и преку работата на оваа институција, посочува шефот на обвинителите преку соопштение.
Како клучни причини за оставката, Ристоска ги посочува последните одлуки во обвинителскиот систем. Вели не гледа простор за работа во согласност со принципите за кои, како што наведува, се залагала во текот на целата своја кариера.