Макрон во своите изјави силно ја бранеше важноста на НАТО, предупредувајќи дека честите коментари што ја доведуваат во прашање посветеноста на САД кон сојузот „ја нагризуваат самата негова суштина“.
Говорејќи за време на посетата на Сеул, истакна дека сојузите како НАТО се темелат на доверба, често и на она што не се изговара јавно.
„Ако секојдневно ја доведувате во прашање сопствената посветеност, ја нагризувате самата срж на сојузот“, изјави тој, додавајќи дека сите членки се обврзани да ги почитуваат преземените обврски и да бидат сигурен партнер кога тоа е потребно. Тој ги повика политичките лидери на сериозност во јавните настапи, иако не го спомена Трамп директно.
„Мора да бидеме сериозни, а ако сакате да бидете сериозни, не можете денес да зборувате спротивно од она што сте го кажале вчера“, порача тој.
„Има премногу зборување“, рече, додавајќи: „Сè оди во сите правци. Но на сите ни се потребни стабилност, смиреност и враќање на мирот. Ова не е претстава.“
Одделно, тој оцени дека воена операција со цел отворање на Ормутскиот теснец би била нереална и повика на обновување на дијалогот како начин за решавање на конфликтот.
Да потсетиме, Трамп во изминатите денови повеќепати изјави дека размислува за можноста САД да се повлечат од НАТО.
„Не беа наши пријатели кога ни беа потребни. Никогаш не сме барале многу од нив… тоа е еднонасочна улица“, изјави Трамп.