„Нашата цел е заеднички да градиме здраво општество преку исполнување на даночните обврски и истовремено нашето општество да има исполнителни млади луѓе кои даваат сопствен придонес во заедничките цели“, велат од УЈП за средбата со претседателката на Универзитетското собрание на студенти при УКИМ (УСС – УКИМ), Ангела Василевска и заменик претседателот на УСС – УКИМ Адам Стојановски.
Во тој контекст било договорено од страна на УЈП да бидат организирани обуки со цел запознавање на студентите со нивните обврски, но и права поврзани со работата која ја извршуваат во странство преку програмата Work and Travel. Обуките ќе започнат од 06.04.2026 година, понеделник.
Ќе бидат изготвени видео материјали и флаери кои ќе бидат дистрибуирани на студентите. Врз основа на пројавениот интерес од страна на претставниците на УСС – УКИМ, видео материјалите кои ќе бидат дистрибуирани до студентите ќе бидат изготвени од нивна страна.
Студентите кои не извршиле поврат на данок врз основа на извршена работа преку програмата Work and Travel имаат можност да обезбедат потврда за резидентност од УЈП како би можеле да го остварат правото на поврат на задржаниот данок од странската земја (со која имаме склучено договор за одбегнување на двојно оданочување). Разговарале и за можностите за олеснување на плаќање по доспевање на обврската.
Претставниците на УСС – УКИМ презентирале идеја за формирање на работна група од нивна страна која би работела на законските измени кои се однесуваат на студентите во делот на доуредување на даночниот третман на доходот остварен преку програмата Work and Travel и побараа поддршка од страна на УЈП.
Дел од студентите од Македонија кои работеле сезонска работа во Германија деновиве беа изреволтирани поради непланирани даночни обврски откако добиле известувања од Управа за јавни приходи (УЈП) да поднесат електронска пресметка за данок на личен доход (Е-ПДД) и да ги пријават приходите остварени во странство.
Од УЈП веќе објасниле дека не станува збор за нова обврска, туку за примена на постојните закони. Оттаму посочуваат дека платата која студентите ја оствариле во Германија се смета за оданочлив доход во Македонија. Притоа, предмет на оданочување е вкупниот доход, односно бруто износот на заработката, што ја вклучува нето платата и данокот кој првично бил задржан во Германија, а подоцна евентуално им бил вратен на студентите.