Ана Брнабиќ: Ќе го молиме Вучиќ да се кандидира за премиер на Србија

Претседателката на Собранието на Србија и функционерка на Српската напредна партија (СНС), Ана Брнабиќ, најави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе ги повика на дијалог сите политички групи во државата, но изрази сомнеж дека многумина ќе се одзват на повикот.

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Ново Утро

„Кога зборуваме за недостиг на дијалог, не мислиме дека Александар Вучиќ не го сака. Оние што постојано го застапуваат дијалогот, всушност упорно го одбиваат“, изјави Брнабиќ за РТС.

Таа нагласи дека најтежок дијалог ќе биде со членовите и раководството на Српската напредна партија.

„Пред сè затоа што мислам дека и на луѓето во рамките на СНС им е преку глава од молчењето за двојните стандарди и отвореното лицемерие што го слушаме од Брисел. Тешко дека во СНС има некој поголем европеец од мене, а ако мене ми е доста, тогаш можете да замислите како им е на другите членови“, изјави Брнабиќ.

Според неа, дијалогот е неопходен поради вонредните парламентарни избори, но и поради надворешнополитичкиот правец на Србија.

„Единствената причина зошто претседателот Вучиќ сè уште не распишал вонредни избори е тоа што светот се соочува со криза каква што не е забележана во нашите животи. Тоа е криза во споредба со која светската економска криза од 2008 и 2009 година ќе изгледа смешно. Ќе има недостиг од гориво и храна, бидејќи на пазарот нема вештачко ѓубриво, а допрва нема да го има“, изјави Брнабиќ.

Таа додаде дека Србија, благодарение на претседателот Вучиќ, е поподготвена за таа криза од многу светски и најсилни европски држави.

Говорејќи за вонредните парламентарни избори, Брнабиќ најави дека во СНС ќе го молат претседателот Вучиќ да биде кандидат на партијата за претседател на Владата.

Таа истакна дека Вучиќ не може повторно да се кандидира за претседател на државата, поради што, како што тврди, ректорот на Универзитетот во Белград Владан Ѓокиќ „бега“ од парламентарните избори и најавува кандидатура за претседателските.

„Значи, тој не сака да излезе на мегдан со најсилниот меѓу нас“, заклучи Брнабиќ.