Вучиќ прво разговараше со претставници на Движењето на социјалистите, предводено од лидерот на партијата, Александар Вулин, а денес се состанува и со раководствата на две малцински партии – Сојузот на војвоѓанските Унгарци и Бошњачката партија за правда и помирување.
Вулин по состанокот изјави за новинарите дека парламентарните избори не треба да се распишуваат во сегашните услови, „во кои би имало повеќе насилство отколку избори и во кои само спроведувањето на изборите би било доведено во прашање поради насилството на оние кои 15 месеци ја држеа Србија во страв“.
Тој додаде дека Владата на Србија „не работи доволно добро“ и дека треба да се спроведе нејзина реконструкција, „затоа што мнозинството министри не ја сфатиле работата одговорно“.
„Сметаме дека реконструкцијата на владата би предизвикала смирување на политичките тензии, затоа што ќе влеземе во парламентот. Во парламентот се избира Влада, во парламентот се соочуваат аргументите, ајде да влеземе во парламент сите кои имаме право на тоа“, изјави Вулин.
Вулин исто така рече дека на состанокот побарал од Вучиќ сите Срби од просторот на поранешна Југославија и сите кои се изјаснуваат како Срби во своите матични земји да добијат автоматско право на државјанство на Србија, како и да се распише задолжителен референдум за продолжување на европскиот пат на Србија.
Неколку опозициски партии соопштија дека нема да учествуваат во консултациите со Вучиќ, кои главно ги оцениле како уште една манипулација на власта. Тие партии наведоа дека Вучиќ дури и не им упатил покана за консултации.
Вучиќ во вторник изјави дека изборите во Србија ќе се одржат до крајот на годината, а можеби и до празникот Видовден, на 28 јуни, без да прецизира дали тоа се однесува само на парламентарни или и на претседателски избори.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, неодамна изјави дека Вучиќ најавил започнување разговори внатре во Српската напредна партија, но и со други партии и политички чинители, за парламентарните избори и „пошироката надворешно-политичка насока на земјата“.