„Веќе зборував за идејата за инсталирање „panic button“ во здравствените установи, што ќе овозможи побрза врска со надлежните институции и протоколи за брза реакција при овие непосакувани агресивни чинови. Лекарот, медицинската сеста, како и другите здравствени работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место, затоа што безбедноста на тие луѓе директно влијае и врз квалитетот на услугата што ја добива пациентот“, вели министерот за здравство, Азир Алиу во интервју за „Локално“, запрашан за како ќе ги заштитат лекарите и здравствените работници од насилство.
На прашањето за начинот на евиденција кога лекарите доаѓаат и заминуваат од работа со цел да се стави ред во системот на закажување прегледи, министерот истакнува дека дополнителната работа е законска можност и тој не е против право што е предвидено со закон.
„Кога јавноста слуша податок дека лекар во јавното здравство заработил 700 илјади денари за еден месец, а паралелно постојат големи разлики во обемот на работа, бројот на интервенции и ангажманот меѓу лекари со иста или слична специјалност, тоа не може да се каже дека е „нормална состојба“, потенцира Алиу.
Министерот нагласува дека крајната цел е секој пациент, да може да ја добие потребната здравствена услуга во местото каде што живее или во својот регион. Според него, тоа е поевтино за системот, пофер за граѓанинот и поодржливо за целото здравство.
„Не би бил искрен ако кажам дека проблемот со недостиг или доцнење на лекови е исклучиво домашен. Европската комисија уште во март 2025 го предложи „Critical Medicines Act“ токму за да се подобри достапноста, снабдувањето и производството на критични лекови во ЕУ. Значи, да, надворешниот контекст има влијание и не може да се игнорира“, истакнува, меѓу другото, Алиу за проблемот со недостиг на одредени лекови.
Како ќе ги заштитите лекарите и здравствените работници од насилство? Неодамна најавивте кампања со која велите дека насилството врз лекарите е недозволиво. Со законските измени напад врз лекар е напад врз службено лице. Сепак се чини дека тоа не е доволно а нападите врз лекарите и здравствените работници продолжуваат…
-Јас сум апсолутно јасен, насилството врз лекарите и здравствените работници е недозволиво и како држава не смееме да дозволиме тоа да се нромализира како дел од работната средина во здравството. Добро е што измените на Кривичниот законик веќе поставија правна рамка и нападот врз здравствен работник при вршење професионални задачи се третира како напад врз службено лице, но не сум човек што ќе каже дека со една законска измена проблемот е решен и секогаш има можност институционално мора да направиме многу повеќе. Затоа, веќе зборував за идејата за инсталирање „panic button“ во здравствените установи, што ќе овозможи побрза врска со надлежните институции и протоколи за брза реакција при овие непосакувани агресивни чинови. Лекарот, медицинската сеста, како и другите здравствени работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место, затоа што безбедноста на тие луѓе директно влијае и врз квалитетот на услугата што ја добива пациентот.
Но, не би сакал ова прашање да го сведам само на казни и безбедносни мерки и мојот пристап, во суштина, е двоен. Прво, нулта толеранција за насилство. Второ, намалување на причините што создаваат нервоза и чувство на неправда. Не прифаќам логика во која лекарот е мета, а пациентот е оставен во гнев. Двете страни мора да бидат заштитени од нефункционалноста на системот и нашите активности се токму во таа насока за унапредување на функционалноста на здравствениот систем, што е во интерес и на здравствените работници, и на пациентите.
Најавивте поинаков начин на евиденција кога лекарите доаѓаат и заминуваат од работа со објаснување да се стави ред во системот на закажување прегледи да се намалат листите на чекање. Отидовте со изјава дека има лекари со многукратно поголеми примања од нивните колеги, а помалку интервенции од колегите. Зошто се одлучивте со овој начин на контрола на работата на лекарите ако се знае дека е точно утврдено каде и како се одвива дополнителната работа на лекарите, кои мора да имаат и одобрение од клиниката?
-Не, и сакам тоа повторно јавно да го кажам – ова не е обид за укинување на дополнителната дејност. Дополнителната работа е законска можност и јас не сум против право што е предвидено со закон. Но, моја обврска како министер е да реагирам тогаш кога во системот ќе се појават очигледни дисбаланси и сериозни сомнежи дека редот не важи еднакво за сите. Кога јавноста слуша податок дека лекар во јавното здравство заработил 700 илјади денари за еден месец, а паралелно постојат големи разлики во обемот на работа, бројот на интервенции и ангажманот меѓу лекари со иста или слична специјалност, тоа не може да се каже дека е „нормална состојба“. Должен сум да проверам дали правилата се спроведуваат, дали контролата е реална и што се случува со јавниот систем, односно дали трпи последици од нешто што формално е дозволено, но практично можеби не се управува добро.
Кога зборувам за воведување различна евиденција, од тоа што е пракса, не мислам н на казнена мерка, идејата е имплементирање на алатка за воспоставување ред. Во здравството не е доволно само да имате пропис, ако немате сигурен механизам што покажува како тој пропис навистина се спроведува. Не сакам да навлегувам во логика на укинување, туку во логика на еднакви правила за сите. Дополнителната дејност не смее да се претвори во извор на неправда меѓу самите лекари, ниту во причина пациентите во јавното здравство да чекаат повеќе отколку што треба. Мојата цел е чесните лекари да бидат заштитени од впечатокот дека сите се исти. Затоа и велам дека не ја укинуваме дополнителната дејност, сакаме да ја вратиме во рамки кои ќе бидат проверливи и во интерес на пациентот.
Како ќе го организирате системот за да се обезбеди здравствена заштита во сите делови од земјата и да се намали праксата пациентите да се препраќаат во Скопје, туку услугата да ја добијат во местото на живеење?
-Сметам дека еден од најголемите структурни проблеми на нашето здравство е прекумерната централизација. Не може за многу работи, и тоа не само за најсложените, пациентот автоматски да биде упатуван во Скопје. Околу 70% од пациентите кои доаѓаат во Клиничкиот центар можат да бидат здравствено услужени на секондарното ниво на системот. Оваа пропулзивност на пониските нивоа доведува до притисок врз терциерното здравство, ги зголемува листите на чекање, создава дополнителен трошок и нервоза кај граѓаните и, на крајот, го прави системот неправеден за луѓето што живеат надвор од главниот град. Мојот пристап е да го намалиме тој јаз прекиу организациска промена на зајакнување на регионалните капацитети, подобро поврзување на примарното, секундарното и терциерното ниво и воведување телемедицина како реална и призната здравствена услуга.
Во измените на Законот за евиденции веќе јавно кажавме дека електронското здравствено досие ќе биде централен извор за здравствените податоци на пациентот, а телемедицинските услуги ќе бидат институционално опфатени. Како пилот-проект, веќе имаме успешно тестирање на телемедицинската врска на линијата Скопје–Дебар–Делчево, преку која пациентите со кожни болести можат да бидат прегледани и да им се постави дијагноза без да доаѓаат Клиниката за дерматовенерологија.

Фото: Министерство за здравство
Не тврдам дека за секоја сложена дијагноза не треба да доаѓаат во Скопје, туку дека во денешно време има можност тоа да се направи на регионално ниво, ако имате дигитално досие, телемедицински консултации, појасна мрежа на услуги и регионални центри што навистина функционираат. Крајната цел е секој пациент да може да ја добие потребната здравствена услуга во местото каде што живее или во својот регион. Тоа е поевтино за системот, пофер за граѓанинот и поодржливо за целото здравство.
Што како ресорен министер ќе направите младите лекари по завршување на образованието и специјализација да останат во земјата, а особено да останат да работат во местото од каде доаѓаат, бидејќи таму има недостиг од лекари?
-Мојата политика е прво да воведеме повеќе ред во самиот систем. Во таа насока веќе подготвивме измени на Законот за здравствената заштита сопорака дека се водиме од принципите на транспарентност и отчетност. Измените се поставен во насока да доведат до транспарентно вработување, избор на најдобро рангиран кандидат, поуреден систем на специјализации и подобар одговор на недостигот од кадар. Но, искрено, задржувањето на млад лекар не е само прашање на вработување. Тоа е прашање на перспектива. Млад човек останува таму каде што гледа можност да напредува, да учи, да работи со добра опрема, да има ментори, да има фер услови и достоинствено место во системот. Затоа, мојот став е дека кадровската политика во здравството мора да се планира по региони, а не само централно. Ако некој потекнува од град каде што има реален недостиг од одреден профил на лекар, тогаш државата мора да има поактивен модел како да го стимулира неговото останување таму – преку специјализација врзана со потреба, подобри услови, развој на локалната установа и преку кариерна перспектива.
Како ќе ги реформирање службите за итна медицинска помош, особено онаа во главниот град, каде освен опрема недостигаат и лекарски тимови?
-Итната медицинска помош не треба да се гледа како изолиран сервис што реагира само кога веќе настанала криза на која треба да одговори здравствениот систем. Ние во изминатиот период започнавме поширок процес на суштинско зајакнување на целиот систем за здравствен одговор во кризни состојби, а итната медицинска помош е во самиот центар на тој процесе. Таа е првиот одговор на државата кога нечиј живот зависи од минути. Не е идејата само да се купи опрема или да се извршат одредени поправки на возилата, тоа не е доволно. Потребно е систем што ќе биде побрз, поорганизиран и подготвен да реагира како во секојдневни итни случаи, така и во посериозни кризни ситуации.
Затоа реформата што ја подготвуваме ја оценувам како суштинска и структурна. Покрај модернизацијата на Итната медицинска помош, предвидуваме воведување на профилот парамедик и лиценцирање на EMT Type 1 тим согласно меѓународните стандарди, со што државата првпат ќе создаде нова оперативна способност за брз, структуриран и професионален медицински одговор при кризни состојби. Тоа значи дека повеќе нема да зборуваме само за недостиг и импровизација, туку за систем што гради нови вештини, нови тимови и нови стандарди на реагирање. Паралелно, Владата донесе одлука годинава да се обезбедат 100 нови возила за Итната медицинска помош, со вредност од околу 7,5 милиони евра, затоа што без функционална флота на возила, секоја стратегија може да потоне во бирократски заборав. За нив развиваме и софтверско решение за покривање на сите возила со ГПС систем и воспоставување диспечерски систем, односно центар за активно следење и мониторирање на целата мрежа. Со тоа во реално време ќе знаеме каде се наоѓа секое возило, дали превезува пациент или е слободно, и ќе можеме веднаш да го испратиме најблиското слободно возило до местото каде што има потреба. Засилено се движиме од расцепкан и бавен систем кон дигитално координиран систем што создава поголема можност да се спаси човечки живот.
Повеќепати најавувате дека ќе се реши проблемот со недостиг на одредени лекови а за дел од нив набавките одат преку Министерството. Сепак пациентите се жалат дека нема лекови навреме. Зошто е таа и колку на ова влијае и кризата на Блискиот Исток?
-Не би бил искрен ако кажам дека проблемот со недостиг или доцнење на лекови е исклучиво домашен. Европската агенција за лекови јасно укажува дека недостигот на лекови е сериозен проблем за синџирот на снабдување и за јавното здравје, а како причини ги наведува производствените проблеми, недостигот на суровини и активни состојки, глобалните нарушувања во синџирите на снабдување, ограничените производствени капацитети и наглите скокови на побарувачката. Европската комисија уште во март 2025 го предложи „Critical Medicines Act“ токму за да се подобри достапноста, снабдувањето и производството на критични лекови во ЕУ. Значи, да, надворешниот контекст има влијание и не може да се игнорира.
Но, мојата позиција е дека меѓународната криза не смее да ни биде алиби за домашна бавност. Токму затоа, подготвивме нов Закон за лекови, со современи решенија за побрзи постапки за одобрување и регистрација, систем за следење на снабдувањето, навремено спречување недостиг и напредни електронски системи за следливост и анализа на потрошувачката. Направени се сериозни нормативни напори за системот да го извлечеме од логиката „ќе реагираме кога ќе настане проблем“ и да го внесам во логиката „ќе го предвидуваме проблемот пред да се претвори во ризик за пациентите“.
Дел од пациентите се жалеа дека се намалени средствата во буџетот за лекови и превентивни програми, лако што се пациентите со ретки болести. Зошто како ресорен министер дозволивте намалување на овие програми и како ќе ги надополните потребните средства?
-Кај ретките болести државата не смее да се однесува како повремен набавувач, таа треба да биде гарант на терапијата. Затоа, го сменивме моделот, наместо секоја година пациентите и семејствата да живеат во неизвесност дали системот ќе стигне навреме со испораката на лекот, годинава, првпат воведуваме тригодишни јавни набавки. Имаме суштинско придвижување од модел што постојано трча по проблемот, кон модел што планира однапред, обезбедува стабилност и го штити континуитетот на лекувањето.
Тригодишниот модел е одговорот на прашањето како ќе се надмине секоја буџетска и административна неизвесност. Со тој модел веќе одиме на поголема стабилност, навременост и подобро планирање, а паралелно ја проширивме спецификацијата со 12 нови лекови, со што државата презема обврска да обезбеди вкупно 72 лекови преку Програмата за лекување ретки болести. Тоа значи поширок опфат, повеќе пациенти со бесплатна и современа терапија и поодржлив систем, наместо ад хок решенија. Дополнително, преку поодговорно управување со средствата веќе покажуваме дека може и подобро да се планира и да се штеди без да се загрози пациентот, како кај лекот „oxlumo“, каде со годишното усогласување е постигнато намалување на цената за 96.248 денари, а со тригодишните постапки се очекува заштеда од околу 68.600 евра.
Е.Б.