Кризата на Блискиот исток засега не влијае на македонскиот авијациски пазар, велат од ТАВ Македонија

ТАВ Македонија за „Локално“ велат дека без прецизна информација како ќе се реализираат најавите  од големите авиопревозници за зголемување на цените на авиобилетите поради војната на Блискиот исток, не може да предвидат како тоа ќе се одрази на работата на аеродромите

од Vladimir Zorba
21 прегледи Фото: Фејсбук/Skopje International Airport - SKP

Кризата на Блискиот исток засега не влијае на македонскиот авијациски пазар, и засега нема најави од авиопревозниците за прекинување на летови, изјавија од компанијата ТАВ Македонија за Локално.

Според ТАВ кризата засега не влијае на авиопревозот, бидеќи гоеграфски не сме изложени кон военото подрачје, односно нема летови кон овие дестинации.

-Но, секоја дестабилизација на цените на енергенсите на светско ниво, предизвикана од вакви кризи и војни, очекуваме дека ќе влијае на општ пораст на цените на сите добра и услуги, а тоа секако дека влијае на сите субјекти во една економија. Постојано правиме прогнози и се прилагодуваме на новонастанатите ситуации, со добро управување со ресурсите и средствата, како и добар баланс меѓу трошоците и приходите, изјавија од ТАВ Македонија за „Локално“.

Компанијата, која стопанисува со двата македонски аеродроми, не очекува значајни промени на вкупниот број летови и патници, бидејќи најголемиот дел од сообраќајот на аеродромите во Скопје и во Охрид е насочен кон дестинации во западниот и северниот дел на Европа.

-Освен тоа што Виз ер ја прекина авиолинијата Скопје – Ларнака од 13 април,  како редовна авиолинија, но се очекува да функционира во текот на летните месеци,  како последица на состојбата на Блискиот Исток, нема други најави од авиокомпании за прекинување на одредени летови или ниту пак кратење на фрекфенциите и од двата македонски аеродрома, изјавија од ТАВ Македонија.

Од таму додаваат дека напротив, очекуваат двоцифрениот пораст на бројот на патници кој го забележале во првите два месеци од годинава, од 31 процент, да продолжи во текот на целата година.

-Вакви се очекувањата со оглед на десетте нови авиолинии кои ги додадовме на мрежата на дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром со почетокот на летната сезона, која почна на 29 март, изјавија од ТАВ Македонија .

Оттаму објаснуваат дека во летниот распоред на летови за 2026 година, кој почнува кон крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании ќе летаат до 54 дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година, како и сезонските летови. Седум  авиокомпании истовремено ќе летаат до 24 чартер дестинации, што е вкупно 78 дестинации од Скопје.

-Од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, во летниот распоред на летање, 8 авиокомпании ќе летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.  По воведувањето на новата авиолинија од Охрид до Милано на 29 март, во јуни Виз ер ќе почне да лета и од Вроцлав и Катовице до Охрид. Од 17 мај, Аустриан ерлајнс ќе почне со летови од Охрид до Виена. Претходно, на 17 март, Виз ер веќе започна да лета од Охрид до Братислава, изјавија од ТАВ МАкедонија.

За најавите на поголемите светски авиопревозници дека ќе ги зголемат цените на билетите, поради зголемените трошоци предизвикани од војнаата на Блискиот исток, од ТАВ Македонија велат дека внимателно ги следат сите случувања и најави и се прилагодуваме кон сите новонастанати состојби.

На прашањето на Локално како овие најави за зголемување на цените на авиобилетите ќе влијае на работата на двата аеродроми, од ТАВ Македонија велат дека се додека немаат прецизна информација не може да кажат колку одредено очекување, кое не знаат со колкав интензитет би било, може да влијае на нивната работа и дека тоа ќе зависи од интензитетот на променетите услови.

–За нас важно е што аеродромите во Скопје и Охрид во континуитет бележат пораст на патничкиот сообраќај, како и развој и диверзификација на мрежата на дестинации, што создава одредена стабилност и отпорност на ценовни шокови. Авионските патувања во денешниот глобализиран свет се неопходен начин на транспорт, што значи дека сметаме дека авионскиот превоз, како најбрз и најбезбеден начин на транспорт на луѓе, багаж, стоки и пошта и натаму ќе остане прв избор на луѓето и компаниите, изјавија од ТАВ Македонија.

Е.Б.