Протестот на студентите, закажан за утре, со кој бараат правосудниот испит да го полагаат на мајчин албански јазик, според премиерот Мицкоски е поддржан од една политичка партија, кој претходно долго време била на власт и досега можела да најде решение. Тој во одговор на новинарско прашање изјави дека лицемерно е од оваа политичка партија да ги користи студентите, и апелираше до студентите да не бидат алатка на политичка партија, која живее во минатото.
-Високото образование е на мајчин јазик, и тоа е регулирано со Законот за јазиците, за кој има постапка пред Уставниот суд. За тој закон има негативно мислење од Венецијанскара комисија, со објанување да се напушти двојазичноста во правосудството, оти има предизвици поврзано со владеење на правото. Ги уверувам студентите дека бараме решение и дека консултираме и уставни експерти и дека тоа решение ќе биде и уставно, но и во согласност со меѓународните стандарди. Апелирам да не се алатка во рацете на политичка партија, која живее во спомен од минатото“, изјави Мицкоски.
Барањето на студентите беше одбиено од Министерството за правда, со објаснување дека нема законска опција да се полага на друг јазик од македонскиот и дека условот за активно познавање на македонскиот јазик за полагање на правосудниот испит е неопходно.
Од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата ВЛЕН денес излегоа со соопштение во кое се вели дека опозициската ДУИ инструментализира прашање, кое самат го оставила како заложник.
-За овие речиси две години во опозиција, ДУИ не остави ништо без да злоупотреби, само за да ја спаси сопствената политичка кожа, дури и грижите на студентите. Денес, без никаков морален кредибилитет, се обидува да инструментализира прашање што самата го држеше како заложник, соопшти ВЛЕН.
Од ВЛЕН велат дека опозициската ДИУ имала неколку министри за правда во претходните влади и дека можеле ова прашање да го решат кога ја имале сета моќ во своите раце.
-Изненадувачки е како во текот на 20-те години владеење на ДУИ, кога образованието беше згазено, а многу неправди останаа нерешени, не беше виден ниту еден протест. Сепак, драго ни е што денес, со ВЛЕН во владата, студентите и општеството воопшто зборуваат послободно и поотворено ги артикулираат своите барања. Ова е доказ за поинаква политичка клима, соопшти ВЛЕН.
Од партијата во власт велат дека одржани се состаноци со дипломираните правници кои имаат намера да полагаат правосуден, и дека нивните коментари се слушнати и сега се работи сериозно на системско решение.
-Формирана е работна група со експерти од областа, која ги испитува сите правни и институционални аспекти, со цел ова прашање да добие фер, изводливо и долгорочно решение Неправдите што се влечат со години не се решаваат со пролевање крокодилски солзи, туку со работа, одговорност и конкретни одлуки, соопшти ВЛЕН.